Orhan Onur Gemici
20 Мај 2021•Ажурирај: 21 Мај 2021
АНКАРА (АА) - ОРХАН ОНУР ГЕМИЏИ -
Турскиот бизнисмен Вакаш Орхан, кој е уапсен во Сирија во 2011 година, каде што престојувал работно, е ослободен по 10 години заробеништво во таа земја, јавува Агенција Анадолија (АА).
Орхан кој е сопственик на компанија во секторот греење во источниот турски град Адијаман, во 2011 година отишол по деловни обврски на Сирија. По избивањето на граѓанската војна во таа земја, Орхан е уапсен, а се товари за различни обвиненија.
По полни 10 години поминати во затвор во сирискиот град Алепо, каде што одредено време престојувал во самица, Орхан на 18 мај е предаден на турските власти, а вчера по една деценија се врати кај своето семејство во Анкара.
Во неговиот дом го дочекаа неговата сопруга Ајше Орхан, ќерката, синот, внуците и роднините. Средбата со семејствата по една деценија беше проследена со емотивни моменти.
„Среќен сум што сум повторно на слобода, што сум со моето семејство, деца и роднини. Полни 10 години се молев на Бога повторно да ме спои со мојата татковина и со моето семејство“, изјави Орхан за АА.
Зборувајќи за тешките услови во сирискиот затвор, Орхан истакнува дека често не добивал храна.
„Пред да дојдам во Сирија имав 80 килограми, таму паднав на 35 килограми. Му благодарам на Алах, сега сум добро, многу сум среќен“, изјави Орхан.
Тој истакнува дека во затвор бил изложен на физички и психички притисок, но дека не изгубил надеж.
„Размислував на начин дека Бог еден ден ќе ми ја отвори вратата и дека ќе се вратам во мојата земја“, порача Орхан.
Сопругата Ајше, исто така, не го криеше задоволството поради повторната средба со сопругот.
„Заврши мојот десетгодишен копнеж“, изјави Ајше, и додаде:
„Мојот сопруг отиде на деловен состанок во Сирија, ова не го заслужи.“
Среќата поради повторната средба со својот татко ја опиша и ќерката Фадиме.
„Ова е наш прв празник кој го доживуваме по многу години. Сега е најважно што сите повторно сме заедно“, изјави ќерката Фадиме.