Muhammed Emin Canik
06 Јули 2019•Ажурирај: 08 Јули 2019
БУЕНОС АРИЕС (АА) - Аргентинскиот фудбалски клуб Ривер Плата ги отвори вратите на својот стадион „Ел Монументал“ на бездомниците во Буенос Аирес, за да се засолнат од ниските температури во овој град, јавува Anadolu Agency (AA).
Температурите во главниот град на Аргентина, кои овие денови се спуштаат до нулата, предизвикаа смрт кај најмалку петмина бездомници во таа земја.
Оваа акција ја покрена хуманитарната организација „Red Solidaria“, а нејзиниот претседател Хуан Кар, во разговор за АА изјави дека станува збор за хуманитарна акција која трае веќе три дена. Кар додаде дека во акцијата се вклучени 180 волонтери, меѓу кои и вработени на стадионот.
„Првиот ден поделивме оброци за 242 лица, меѓу кои 103 ја поминаа ноќта тука. Вчера имавме 340 лица, ноќта тука ја поминаа 114. Денеска ќе имаме околу 120 лица и ова е последен ден на нашата акција. Ќе видиме што можеме да сториме утре“, изјави Кар.
Тој додаде дека идејата стадионот да се отвори за бездомниците се родила откако во Аргентина од студ починале пет лица. Изјави дека упатиле барање до клубот Ривер Плата, а тој тоа го поддржал.
Кар изјави дека не се сеќава дека претходно некој клуб ги отворил своите врати за бездомниците, и дека солидарноста која ја покажале Аргентина и Јужна Америка е за секоја пофалба.
На бездомниците кои се наоѓаат на стадионот на Ривер Плата, освен храна им е поделена и облека.
Според податоците на Град Буенос Аирес, на улиците на овој град живеат околу 7.000 бездомници, меѓу кои и 1.000 малолетни лица.