СКОПЈЕ АА - Како држава која е дел од т.н. Западно-балканска рута низ која секојдневно минуваат илјадници гладни, уморни, обесправени и обезличени луѓе со различни потреби, заедно со останатите сојузници од над 10 држави од Европа и Турција, Македонија го одбележа Меѓународниот ден на работниците-мигранти и членови на нивните семејства, јавува Anadolu Agency (AA).
По тој повод граѓанските организации, левичарски движења, волонтери, хуманитарни организации и активисти од Македонија се приклучија кон основањето на транснационално движење "State of solidarity". Организаторите порачаа дека луѓето кои ги нарекуваме мигранти се луѓе кои бегаат од војни, експлоатирани гладни работници и млади што одбиваат да живеат во неправда, обезгласени и без надеж за поинакво секојдневие, со надеж за подобра иднина, мажи и жени во обид за спас на својот живот.
Според нив треба сите да престанеме да ги обезличуваме со етикети како што се „бегалци“ и „економски мигранти“, бидејќи како што рекоа, мирот, демократијата, социјална правда и достоинство се вредности кои припаѓаат на сето човештво и сите луѓе поддеднакво заслужуваат живот без страв од војни, глад и беда. На спобирот беа упатени пораки и препораки до Македонската Влада:
"Да се исполнат обврските кон Меѓународното бегалско право и секој бегалец поеднинечно да биде прифатен со целосна почит, да се иницираат поефикасни и похумани механизми за управување со кризата, итно да се ослободат десетте жртви и сведоци на кривични дела сторени против нив, да се објави нулта толеранција за полициското насилство и нехуман третман, да не се дискриминираат бегалците преку дополнително финансиско оптоварување со користење на високи цени од јавниот превоз, да се убрза подобрувањето на суловите на транзитниот центар во Гевгелија и Табановце и да се зајакне соработката со домашните и странски граѓански здруженија, невладините, хуманитарните и здравствените организации", изјави Јасмина Голубовска.
По повод Меѓународниот ден на мигрантите се организира и марш за поддршка на луѓето кои секојдневно ја минуваат т.н. Западно-балканска рута. Потоа, во вечерните часови и согласно долунаведената програма ќе има јавна дискусија и прикажување на краток документарец направен од страна на луѓето кои, минуваат низ Македонија или веќе пристигнале до посакуваната дестинација во некоја од европските држави.
Повикот за прогласување на општа состојба на солидарност, која ќе придонесе да се изгради и солидарен свет беше инициран во соработка со Хелсиншкиот комитет за човекови права, Легис-Скопје,ЛД Солидарност, Фондација Отворено општество-Македонија, Профицио, Скопје, Цивил – центар за слобода, граѓанска платформа Aјде/Hajde, граѓанска платформа Граѓаните за Македонија, волонтери, активисти и други.
news_share_descriptionsubscription_contact
