Ivana Ramadanova
28 Април 2016•Ажурирај: 29 Април 2016
СКОПЈЕ (АА) - Православните христијани деновиве интензивно се подготвуваат за прославување на најголемиот и најрадосниот христијански празник – Велигден, празникот на Христовото Воскресение. Со отворени срца, смиреност и радост, верниците гo прославуваат, како што веруваат, враќањето на Исус Христос од мртвите и победата над смртта, поздравувајќи се со зборовите „Христос Воскресе – Вистина Воскресе!“.
Како најголем симбол на најсветлиот христијански празник, се смета јајцето. Традиционално пред Велигден во секој дом се вапсуваат јајца кои го симболизираат воскреснувањето и почетокот на нов живот. Тоа е еден од најубавите и највеселите православни обичаи кој се негува до ден денес.
Екипата на Anadolu Agency присуствуваше во домот на Светлана Димовска, која сликовито ни покажа како се бојадисуваат јајцата за Велигден, истовремено запознавајќи не со сите традиционални обичаи кои следуваат за време на овој голем празник.
Велигденските јајца се бојадисуваат и декорираат на Велики четврток. Првото јајце се бојадисува пред изгревот на сонцето, затоа што се верува дека нема да се расипе и дека ќе трае цела година доколку не го види сонцето. Тајната за да не испукаат јајцата на госпоѓа Димовска е во тивкото и долго варење кое може да потрае и до еден час.
"Во водата се става сол и оцет, а во бојата само оцет. Откако јајцата ќе се сварат а бојата ќе почне да врие, јајцата се префлаат во бојата. Откако јајцата ќе ја добиијат убавата црвена боја се вадат на хартија за да се исушат и се премачкуваат со масло за да добијат сјај. Следува декорацијата која зависи од желбата и креативноста на домаќинката. Може да се премачкаат со желатин, може да се декорира со кокос, гриз и ориз. Како домаќинка практикувам јацето да биде бојадисано во традиционална црвена боја", велиа Димовска.
Црвената боја според Димовска ја симболизира пролеаната крв на Исус за спасение на луѓето на земјата, а воедно претставува и победа, здравје, оптимизам и љубов.
"Првото јајце кое ќе се бојадиса е за Господ и тоа носи многу бериќет и среќа во куќата. Со него за здравје се исцртува крст по лицето на децата со зборовите „Црвено, бело, дебело“ или „Црвено, бело, здраво и живо“. Тоа јајце се смета дека има заштитна моќ и се чува на посебно место во куќата до следниот Велигден. Потоа јајцето го ставаат на кров или го закопуваат во земја за среќа", додава Димовска.
Во домот на Димовска можеа да се видат две декорирани катчиња со велигденски јајца, едното во модерен стил, а другото во традиционален стил. Како аранжер и декоратор на храна, Димовска вели дека е изненадена што младите домаќинки го почитуваат и го следат традиционалното декорирање и спремање на празникот.
Според обичаите, Димовска вели дека овие три дена до Велгден јајцата не смеат да се скршат намерно, бидејќи според верувањата тоа носело несреќа.
Празнувањето продолжува и утре. Велики петок, се смета за најтежок ден во Христијанството, бидејќи на тој дена Исус бил распнат на крст. На овој ден верниците се на строг пост и пијат само вода. Сабота навечер се оди во црква кога точно во дванаесет часот по полноќ се прославува Хрисовото воскресение со кршење на црвените јајца и традиционалниот поздрав "Христос Воскресе, Вистина Воскресе".
Недела се прославува големиот Празник Велигден кога сите се собираат на трпезата фамилијарно и се омрсуваат. Најчесто се подготвува јагнешко месо, салати, зелени салати, колачи. Препорачливо е после 40 дневниот пост, да се внимава на мрсната храна која се конзумира на овој ден.