Ahmet Gürhan Kartal
04 Април 2018•Ажурирај: 05 Април 2018
ГРАНТАМ - Најпознатата врста јаболкници, „Flower of Kent“ (цветот од Кент), која се наоѓа во дворот од родната куќа на Њутн во англискиот град Грантам, сè уште стои здрава и му пркоси на времето, јавува Anadolu Agency (AA).
Дрвото стекна слава по приказната со јаболкото кое паднало на земја пред британскиот научник Исак Њутн и го инспирирало да ја формулира „Теоријата за гравитација“.
Овој редок вид дрво, во 2002 година од кралицата Елизабета II беше прогласено за едно од педесетте дрвја што се под заштита и дел од англиското наследство.
Овоштарникот во кој се наоѓа дрвото, во последните 400 години го посетија голем број туристи, како и луѓе што го почитуваат делото на Њутн. Според некои податоци, дрвото повторно израснало по бурата што во 1820 година го уништила.

Родното место и семејната куќа на Исак Њутн, Вулсторп Мејнор во близина на Грантам (Линколншир, Англија), е претворена во музеј во кој посетителите можат да ја видат неговата студија, собата во која бил роден, како и неговиот салон.
Во музејот се изложени и некои најрани копии од неговите книги, вклучувајќи ги „Математички начела на природната филозофија“ (Philosophiae Naturalis Principia Mathematica, 1678) и „Оптика“ (Opticks,1704).

Исак Њутн беше англиски физичар, математичар, астроном, алхемичар и филозоф на природата, кој денес за повеќето е една од најголемите личности во историјата на науката. Роден е на 25 декември 1642 година во Вулсторп крај Колстерворт, во Линконшир, и за него се грижеле неговите баба и дедо, откако мајка му го напуштила.
Основното образование го стекнал во Кралското училиште „Грантам“, а студирал на колеџот „Кембриџ Тринити“. По дипломирањето во 1666 година се вратил дома за да се заштити од епидемијата на чума што ја зафатила Англија.

Тука во следните две години дошол до своите најголеми откритија, меѓу кои и теоријата за гравитација.
Тој е еден од највлијателните научници во историјата на човештвото. Неговите најпознати научни трудови ја вклучуваат теоријата за трите закони на движењето кои објаснуваат зошто некое тело се движи и теоријата за гравитација.

Со неговиот прочуен експеримент со прекршување на светлината низ призма, објасни дека светлината се состои од само седум бои.
Њутн стана и прв научник на кој во 1705 година му беше доделен статус на витез. Исто така, беше и член на англискиот Парламент од 1689 до 1690 година.
Тој починал на 31 март 1727 година и е погребан во Вестминстерската катедрала во Лондон.