Ercan Doğan
20 Јули 2021•Ажурирај: 21 Јули 2021
ТОКИО (АА) - Вкупно 71 лице акредитирани за Олимписките игри во Токио се позитивни на Ковид-19, соопштија организаторите денес, на само неколку дена пред почетокот на големиот спортски настан, јавува Агенција Анадолија (АА).
Меѓу оние што се позитивни има спортисти, официјални претставници и волонтери.
Вчера, двајца спортисти беа позитивни на тестовите за коронавирусот во Олимпиското село.
Чешкиот одбојкар во одбојка на песок, Ондреј Перушич, и неговиот соиграч Давид Швајнер нема да можат да се натпреваруваат на Олимписките игри, бидејќи Перушич е позитивен на коронавирусот, објави Чешката одбојкарска федерација.
Во меѓувреме, член на гимнастичкиот тим на САД исто така има позитивен тест на Ковид-19. Во неделата, тројца членови на јужноафриканскиот машки фудбалски тим, од кои двајца играчи, се евидентирани како заразени.
Јапонија забрани присуство на публика на овогодинешната, одложена Олимпијада, што треба да се одржи од 23 јули до 8 август. Во градот домаќин на Олимписките игри, Токио, на сила е вонредна состојба, што ќе трае до 22 август, поради растот на бројот на заразени.
Олимпиското село треба да биде еден вид заштитен меур за сите спортисти кои допатуваа во Јапонија на Олимписките игри.