Ekipa
26 Мај 2016•Ажурирај: 26 Мај 2016
ТОКИО (АА) - Лидерите на седумте водечки индустриски земји (Г7) се собраа во Исе-Шима на дводневниот самит на кој, како е најавено, во фокусот ќе биде глобалната економија, здравството, сајбер безбедноста и поморската безбедност, јавува Anadolu Agency (AA).
Бегалската криза во Европа ќе биде тема на овогодинешниот самит кој се одржува во планинската област околу 300 километри југозападно од Токио. Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, денес изјави дека ќе побара поддршка од Групата Г7 за поголема глобална помош на бегалците.
„Доколку ние не преземеме водечка улога во управувањето со кризата, нема никој да преземе”, изјави Туск во изјавата за медиумите.
На првиот ден од самитот, премиерот на Јапонија Шинзо Абе, заедно со лидерите на земјите од Групата Г7 го посети најсветото место на шинтоистичката религија. Во таа пригода Абе изјави дека посетата е организирана со цел светските лидери да можат да ја „разберат духовноста на јапонскиот народ”.
Во рамките на самитот на Групата Г7, американскиот претседател Барак Обама ќе го посети Меморијалниот центар во Хирошима, првиот претседател на САД кој воопшто го посетил местото по 1954 година, кога САД фрлија атомска бомба на тој град. Според проценката на аналитичарите, посетата на Хирошима ќе го „засени ” одржувањето на самитот.
Обама синоќа се состана со јапонскиот премиер и во таа пригода порача дека со оваа посета ќе „оддаде им почест на сите загинати во Втората светска војна и ќе ја потврди заедничката визија на светот без нуклеарно оружје”.
Групата Г7 ја сочинуваат Велика Британија, Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија и Соединетите Американски држави.