Islam Uddin
09 Март 2021•Ажурирај: 09 Март 2021
АНКАРА (АА) - Австралија планира да направи „коалиција на земји“ за да изврши притисок врз Европската Унија (ЕУ) за достава на планираните дози од вакцините против коронавирусот, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Италија минатиот четврток одлучи да ја запре испораката на повеќе од 250.000 дози на вакцината на „АстраЗенека“, кои беа наменети за Австралија.
Европската комисија го одбрани потегот на Италија, велејќи дека тоа не е насочено против Австралија туку кон тоа АстраЗенека да го достави бројот на дози од вакцините за кој се има договорено со европските власти.
Австралискиот министер за трговија, Дан Техан, изјави дека тој е крајно разочаран од одлуката, додавајќи дека планира да соработува со Канада, Јапонија, Норвешка и Нов Зеланд за да ја поттикнат ЕУ да се премисли.
„Се надеваме дека тие ќе го сменат своето мислење. Колку повеќе можеме да извршиме колективен притисок врз нив, толку повеќе ќе сфатат дека тоа што го прават не е во ред“, објави јавниот радиодифузер „Еј-би-си њуз“ (ABC news), кој го цитираше Техан.
Во обид да ги принуди компаниите да ги исполнат своите обврски од договорот, ЕУ на почетокот на јануари објави механизам за контрола на извозот што може да ја запре испораката на вакцините против коронавирусот надвор од Блокот, доколку не се исполнат обврските на производителите.
Борејќи се да продолжат напред со своите кампањи за масовно вакцинирање, многу европски земји сега се соочуваат со недостиг на залихи на вакцини.
Некои од нив се обидуваат да најдат дополнителни залихи на вакцини надвор од заедничкиот договор утврден од ЕУ, чија преговарачка способност е нашироко критикувана.
Австралија досега има обезбедено 53,8 милиони дози вакцини од „АстраЗенека“, од кои 50 милиони ќе бидат произведени во земјата, според „Еј-би-си“ (ABC).
Според податоците на американскиот Универзитет „Џонс Хопкинс“, во Австралија досега се регистрирани 29.061 случај на коронавирусот и 909 смртни случаи како последица на вирусот.