Aşkın Kıyağan
21 Јануари 2022•Ажурирај: 22 Јануари 2022
ВИЕНА (АА) - Австрија стана прва земја во ЕУ која ќе ја направи задолжителна вакцинацијата против Ковид-19, откако Парламентот даде одобрение вчера, јавува Агенција Анадолија (АА).
Мнозинството од австрискиот Парламент гласаше за законот, и покрај противењето на екстремно десничарската Партија на слободата.
„Задолжителноста го отвора патот кон тоталитаризмот во Австрија“, рече лидерот на Партијата на слободата, Херберт Кикл.
Владините говорници ги критикуваа изјавите на Кикл, обвинувајќи го за „поделување на општеството“.
- Задолжителната вакцинација започнува од февруари -
Задолжителната вакцинација против Ковид-19 во алпската држава ќе започне од февруари.
Изземено ќе биде населението до 18 години, бремените жени и лицата со лоша здравствена состојба.
Во првата фаза надлежните министерства ќе ги информираат луѓето за задолжителната вакцинација до 15 март.
Од 16 март полицијата ќе почне да го проверува статусот на лицата со вакцинација при рутински контроли.
Оние кои ќе одбијат да се вакцинираат против Ковид-19, ќе се соочат со казни во висина на 600 - 3.600 евра.
Околу 72 отсто од австриското население досега е целосно вакцинирано.
Земјата од 9 милиони има регистрирано над 1,5 милиони случаи на коронавирусот, откако беше пријавен првиот случај во март 2020 година. Речиси 14.000 луѓе починаа од последиците на вирусот.