Admir Fazlagic
01 Април 2016•Ажурирај: 02 Април 2016
СКОПЈЕ (АА) - „Природата на безбедносните предизвици бара подобрена и сестрана соработка помеѓу земјите и сите засегнати страни. Македонија се докажа како сериозен партнер во справувањето со безбедносните предизвици. Ние ги споделуваме проценките за безбедноста и континуирано даваме значаен придонес кон евроатлантската стабилност.Воедно, активно придонесуваме во рамките на колективните напори за справување со современите предизвици, закани и ризици“. Тоа денес во Виена, го истакна министерот за одбрана, Зоран Јолевски кој учествува на состанокот на земјите од Централноевропската одбранбена соработка (CEDC) заедно со Македонија, Црна Гора и Србија, посветен на менаџирање на мигрантската криза, заштитата на европските граници и хуманитарната помош за мигрантите, соопштија од Министерството за одбрана на Република Македонија, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во тој контекст министерот Јолевски додаде дека Република Македонија на соодветен начин се справи со бегалците и мигрантската криза.
„Државните институции дејствуваат координирано и имаат воспоставено добра координација и соработка со земјите долж Балканската рута“, посочи Јолевски.
Воедно, како што пишува во соопштението, министерот истакнал дека Македонија ги презема сите мерки за безбедност за заштита на националните и регионалните интереси во согласност со политиката на ЕУ.
„Ние сме убедени дека нашите напори ќе бидат соодветно вреднувани и дека Македонија ќе го добие своето заслуженото место во евроатлантското семејство“, рече Јолевски на состанокот.
Преземените чекори од страна на Република Македонија беа поздравени од земјите на Централноевропската одбранбена соработка, а беше истакната и важноста на Македонија во справувањето со миграциските текови.
На состанокот учествуваа министрите за одбрана на Австрија, Македонија, Чешка, Хрватска, Унгарија, Црна Гора, Србија, Словенија и Словачка. Австрија како актуелен претседавач и координатор со CEDC ќе ја информира Европската унија и меѓународните партнери за прогресот и нивната интеграција во натамошните активности. Во рамките на престојот во Австрија, министрите за одбрана на Македонија и Австрија, Зоран Јолевски и Ханс Петер Доскоцил го потпишаа планот за билатерална соработка во одбраната.