Ayhan Mehmet
28 Март 2020•Ажурирај: 30 Март 2020
АТИНА (АА) – АЈХАН МЕХМЕТ - Атина, главниот град на Грција, речиси стана „град на духови“ поради мерките преземени во борбата против коронавирусот (Ковид-19), пишува Агенција Анадолија (АА).
Во Атина, која е родно место на многу познати филозофи, како што е Сократ, и каде што има важни антички градби, до моментот починаа 28 луѓе, вклучително и еден припадник на турското малцинство во Западна Тракија.
Пред епидемијата на Ковид-19, особено улиците на населбата Манастираки, каде што се наоѓа Акрополис, беа исполнети со домашни и странски туристи, а сега низ улиците може да се видат само по неколкумина со маски, наликувајќи на сцена од научно-фантастични филмови.
Во рамките на полицискиот час низ целата земја, што започна на 23 март, граѓаните може да излегуваат само со претходно добиен документ во којшто е запишана локацијата каде што ќе се оди.
Полицијата со контрола на поголем број места во градот ги казнува со 150 евра граѓаните што не ја почитуваат забраната, а тие што доаѓаат од странство и не ја применуваат мерката за 14-дневен карантин се казнуваат со 5.000 евра.
Во Грција, каде што слични снимки може да се видат и во други градови, на луѓето им е дозволено да излегуваат на улиците за да одат на пазар, во болница и аптеки, да вежбаат и да ги шетаат миленичињата.
- Турско село во карантин -
Од друга страна, селото Шахин, од Општина Мустафчова (Мики), каде што живее турско население, поради растот на случаите со Ковид-19 и починувањето на едно лице, е ставено во карантин.
- Патување само во Брисел -
Како дел од мерките против Ковид-19 спроведени во Грција, „Иџијан ерлајнс“ („Aegean Airlines“) ги прекина сите меѓународни летови од 26 март до 30 април.
Во соопштението од компанијата се истакнува дека ќе има само мал број летови кон Брисел, со цел да се одржи контактот со Европската Унија (ЕУ).