Şerife Çetin
18 Април 2020•Ажурирај: 18 Април 2020
БРИСЕЛ (АА) - Во Белгија од коронавирусот во изминатите 24 часа починаa 290 лица, со што вкупниот број на смртни случаи достигна 5.453, јавува Агенција Анадолија (AA).
Од белгискиот Кризен центар се наведува дека во последните 24 часа вирусот е потврден кај уште 1.045 лица и дека вкупниот број на заразени е зголемен на 37.183.
Во истиот период се хоспитализирани 303 заразени, додека 387 пациенти се излекувани и се пуштени од болница.
Се наведува дека во Белгија, од почетокот на пандемијата болниците регистрирале 2.579 смртни случаи, додека 2.772 заразени починале во старечките домови.
Сојузната премиерка Софи Вилмес за францускиот весник „Ле Соир“ (Le Soir) изјави дека белгиските власти не ја запоставиле постарата категорија во општеството и дека се преземени чекори кон развивање на здравствениот сектор.
Таа рече дека во Белгија ќе дојде до постепено укинување на мерките и нормализација, но дека во случај на влошување на ситуацијата, мерките ќе бидат порестриктивни.
Откако минатата недела Националниот совет за безбедност одржа седница за мерките против ширењето на коронавирусот, денеска, освен супермаркетите и аптеките, повторно се отворени и продавниците за опрема за градинарство, додека на снек-баровите и рестораните сè уште им е дозволено да вршат исклучиво само достава.
Во белгиските медиуми се појави веста за 19-годишник кој по 14-ти пат ги прекршил мерките против коронавирусот. Се наведува дека момчето, кое не се придржувало до препораките за социјално дистанцирање, следниот месец ќе биде процесуирано.
Од друга страна, околу 10 хотели во Брисел примиле околу 1.000 бездомници со цел да се спречи ширењето на вирусот.