Seda Sevencan
12 Мај 2020•Ажурирај: 12 Мај 2020
ЕРУСАЛИМ (АА) - Израел денес потврди уште шест починати од новиот вид коронавирус, со што бројот на смртни случаи во земјата достигна 258, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Министерството за здравство соопшти дека во текот на изминатите 24 часа во земјата се регистрирани уште 29 случаи на коронавирусот Ковид-19, со што билансот на заразени порасна на 16.507.
Се истакнува дека 66 пациенти се во критична состојба, додека 11.843 закрепнале од вирусот.
Израел започна да презема мерки за спречување на ширењето на Ковид-19 кон крајот на февруари, првично забранувајќи го влезот на оние што не се жители на Израел, а кои доаѓаат од жариштата на вирусот, и постепено воведе речиси целосна забрана за летови.
Исто така, ги затвори сите образовни установи и им забрани на граѓаните да ги напуштаат своите домови, освен за купување храна и лекови или за одење во болница.
Намалениот број на нови случаи во изминатите неколку дена го натера Тел Авив да започне со олеснување на ограничувањата за движење.
Владата минатата недела одобри неколку мерки како отворање на некои бизниси и училиштата за децата со посебни образовни потреби и молитвени собири во мал број.
Сепак, правилата за социјално дистанцирање остануваат на сила, како и задолжителното носење заштитни маски.
Коронавирусот, официјално познат како Ковид-19, откако за првпат се појави во кинескиот град Вухан изминатиот декември, се рашири во речиси 200 земји и региони. Европа и САД во моментов се најтешко погодени региони.
Пандемијата досега ги зеде животите на над 285.900 луѓе во светот, над 4,17 милиони се заразени, додека излекувани се 1,45 милиони, според податоците на американскиот Универзитет „Џонс Хопкинс“.