Recep Şakar
19 Август 2021•Ажурирај: 20 Август 2021
МЕЛБУРН (АА) - Во последните 24 часа со бројка од 754 новозаразени со Ковид-19, во Австралија е достигнато највисокото ниво на заразување на дневна основа од почетокот на пандемијата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Според податоците на Министерството за здравство на Австралија, државата Нов Јужен Велс се наоѓа на првото место со 681 новозаразен со Ковид-19.
Во сојузната држава Викторија, каде што нема починати од коронавирусот во последните неколку месеци, детектирани се 57 новозаразени, додека во подрачјето на главниот град на Австралија, 16 случаи на заразување со Ковид-19.
Според овие бројки, во последните 24 часа во Австралија се евидентирани 754 нови случаи на коронавирусот, што претставува највисока бројка на новозаразени на дневна основа на овој континент од почетокот на пандемијата досега. Претходно, највисоката бројка на лица позитивни на Ковид-19 на дневно ниво беше детектирана на 5 август 2020 година, кога кај 698 лица бил детектиран коронавирусот.
- Ковид-19 причина за смртта на 971 лице во Австралија -
Во Сиднеј забрзано продолжува да се зголемува бројот на новозаразени, и покрај неговото целосно затворање. Во последните 24 часа од вирусот почина едно лице.
Од појавувањето на делта-варијантата на коронавирусот во Австралија, бројката на починати се зголеми на 971.
Од 25 јануари 2020 година, кога за првпат беше регистриран случај на Ковид-19 во оваа земја, досега се заразени 41.501 лице.
Во моментов во Австралија има 9.169 активни случаи на Ковид-19, притоа 517 лица продолжуваат да се лекуваат во болницата, од кои 85 се на интензивна нега.