Ekip
19 Август 2021•Ажурирај: 20 Август 2021
БРИСЕЛ
Европската Унија (ЕУ) треба да се фокусира на помагање на авганистанските бегалци во регионот и да ги спречи авганистанските баратели на азил да дојдат на нејзините надворешни граници, изјави вчера Илва Јохансон, комесарката на Европската Унија, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Нестабилноста во Авганистан најверојатно ќе доведе до зголемен миграциски притисок“, предупреди еврокомесарката за внатрешни работи Јохансон, по вонредната видеоконференција на министрите за внатрешни работи на ЕУ.
Групата „не треба да чека додека луѓето не пристигнат на надворешните граници“, туку треба „да ги спречи луѓето да се упатат кон Европската Унија преку небезбедни, нерегуларни и неконтролирани правци што ги водат шверцери“, рече таа.
Јохансон дискутираше за поддршката на меѓународните организации кои им помагаат на оние на кои им е потребна помош во Авганистан и во соседните земји, кои примаат авганистански бегалци.
Според податоците на Европската комисија, ЕУ ги поддржа авганистанските бегалци и заедниците домаќини со повеќе од 250 милиони евра (292 милиони американски долари).
„Ќе продолжиме со нашите тековни програми и ќе ја интензивираме нашата соработка со заедниците домаќини во Пакистан, Иран и Таџикистан, како и со други земји во регионот, како што е Турција“, рече таа.
Во исто време, таа призна дека „ситуацијата во Авганистан очигледно не е безбедна и нема да биде безбедна уште некое време“ и ја отфрли можноста за присилно враќање на барателите на азил, чие барање беше отфрлено од членките на ЕУ.
Јохансон, исто така, рече дека побарала од министрите да подигнат квоти за програми за директно преселување, создавајќи легални и безбедни начини за авганистанските баратели на азил да дојдат во ЕУ.