Mustafa Melih Ahıshalı
09 Март 2020•Ажурирај: 09 Март 2020
ИСТАНБУЛ (АА) - Во Иран со потенцијално смртоносниот коронавирус е заразен и шефот на Националниот кабинет за кризни ситуации, Исмаил Наџар, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Портпаролот на Кабинетот, Али Бахтиари, за Агенцијата ИСНА изјави дека Наџар минатата недела е хоспитализиран поради симптоми на грип, а потоа бил позитивен и на коронавирус.
Тој исто така изјави дека Наџар закрепнува добро и дека веќе денес би требало да биде пуштен на домашно лекување.
Во Иран, како последица на зараза со коронавирус починаа најмалку 194 лица, а меѓу нив е и поранешниот ирански амбасадор во Ватикан, Хади Хосрошахи.
Меѓу заразените се и потпретседателката на Иран, Масумех Ебтекар, заменик-министерот за здравство, Ираџ Харирчи, парламентарецот Махмуд Садки, и шефот на парламентарната Комисија за национална безбедност и надворешни работи, Моџтеба Занур, и уште најмалку 21 парламентарец.
Коронавирусот кон крајот на минатата година се појави и брзо прошири во кинескиот град Вухан, а Светската здравствена организација (СЗО) прогласи состојба на глобална опасност.