Fahri Aksüt,Seda Sevencan
27 Јуни 2020•Ажурирај: 28 Јуни 2020
АНКАРА (АА) - Бројот на активни случаи на коронавиусот, Ковид-19, во Турција континуирано паѓа. Во изминатото деноноќие регистрирани се 612 оздравени повеќе од новозаразени, соопшти турскиот министер за здравство, Фахретин Коџа, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во текот на изминатото деноноќие регистирани се вкупно 1.984 излекувани од Ковид-19, со што вкупниот број на оздравени лица од почетокот на епидемијата во земјата се искачи на 169.182, информираше Коџа преку Твитер, повикувајќи се на податоците на Министерството за здравство.
„Бројот на оздравени е за 612 поголем од бројот на новозаразени лица. Овој број вчера беше 96“, истакна Коџа.
Билансот на смртни случаи од Ковид-19 во Турција се искачи на 5.082, бидејќи во изминатите 24 часа регистрирани се 17 починати.
Турскиот министер за здравство додаде дека на одделенијата за интензивна нега во земјата во моментот се лекуваат 986 пациенти.
Здравствените работници спроведоа 45.223 тестирања за Ковид-19 во изминатите 24 часа, со што вкупната бројка на реализирани тестирања од почетокот на епидемијата е над 3.23 милиони.
Според резултатите од тестирањата, во последните 24 часа дијагностицирани со вирусот се 1.372 лица, а вкупниот број на заразени во земјата досега изнесува 195.883.
Министерот исто така истакна дека „5,68 отсто од дијагностицираните во последните 14 дена се на возраст под 17 години“, додека „63 отсто се во старосната група од 25-45 години“.
Турција регистрира 24 помалку заразени во однос на вчерашниот ден, рече Коџа, додавајќи: „Ако овој пад продолжи, дури и со оваа брзина, за две недели можеме да имаме под 1.000 случаи [за едно деноноќие]“.
Откако за првпат се појави во кинескиот град Вухан минатиот декември, новиот вид коронавирус се рашири во речиси 200 земји и региони во светот. САД, Бразил и Русија во моментов се најпогодени земји.
Пандемијата досега во светот зеде над 495.500 животи, бројот на заразени надмина 9,86 милиони, додека над 4,98 милиони го победија вирусот, покажуваат најновите податоци на американскиот Универзитет „Џонс Хопкинс“.