Muhammed Enes Çallı
20 Март 2020•Ажурирај: 22 Март 2020
АНКАРА
Во екот на глобалната пандемија, коронавирусот се шири брзо и во САД, со што се зголемува и бројот на заразените играчи на тимовите на Национална кошаркарска асоцијација (НБА), јавува Агенција Анадолија (АА).
Двајца играчи на Лос Анџелес Лејкерс, кошаркарот на Бостон Селтикс, Маркус Смарт и тројца членови на тимот Филаделфија Севентисиксерс се позитивни на Ковид-19.
Лејкерс синоќа објави соопштение на својата официјална веб-страница, во кое ги потврди случаите на заразените играчи.
„Денеска дознавме дека двајца кошаркари на Лејкерс се позитивни на вирусот. Двајцата кошаркари во моментот не пројавуваат симптоми, се наоѓаат во карантин и се згрижени од лекарите на тимот“, напиша Лејкерс.
„Од сите играчи и членови на тимот „Лејкерс“ се бара да останат во самоизолација во своите домови, да го следат своето здравје, да се консултираат со матичните лекари и да одржуваат постојана комуникација со тимот“, се додава во соопштението на Лејкерс.
Во меѓувреме, кошаркарот на Бостон Селтикс, Маркус Смарт, на Твитер објави дека бил заразен со Ковид-19.
„Се тестирав пред пет дена и вечерва ги добив резултатите кои се покажаа позитивни. Се наоѓам во самоизолација откако го направив тестот. Ковид-19 треба да се сфати со висока сериозност“, напиша тој.
Уште тројца членови на НБА-тимот Филаделфија Севентисиксерс се позитивни на тестот за коронавирусот. Од клубот не го открија идентитетот на заразените.
Коронавирусот кон крајот на минатата година се појави во кинескиот град Вухан, а потоа се прошири во најмалку 163 држави и територии во светот. Светската здравствена организација (СЗО) прогласи глобална пандемија на Ковид-19.
Во светот со коронавирусот се заразени речиси 245.000 лица, а од последиците на заразата починаа над 10.000 лица. Излекувани се нешто повеќе од 86.000 заразени.