Bilal Güler
09 Јуни 2020•Ажурирај: 10 Јуни 2020
АНКАРА (АА) - Три жени од иранската покраина Хормузган, што биле заразени со коронавирусот, родиле три здрави бебиња, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Иранската студентска новинска агенција (ISNA) јави дека сите три бремени жени имале тешки симптоми на коронавирусот.
Проректорот на Универзитетот за здравствени науки во Хормузган, Абдула Гарипзаде, рече дека бремените жени се хоспитализирани поради висока температура, кашлица и болки во грлото.
Гарипзаде истакна дека врз основа на тестираните примероци, потврдено е присуство на коронавирусот кај сите три бремени жени.
Тој додаде дека заразените трудници родиле здрави бебиња, и дека една од нив по породувањето е излекувана, додека другите две жени сѐ уште се на лекување.
Во Иран претходно коронавирусот беше потврден кај бебе старо две недели.