Abdullah Aşıran
13 Ноември 2021•Ажурирај: 15 Ноември 2021
ХАГ (АА) - Во Холандија привремената Влада објави дека државата оди во „делумно затворање“ на три недели за да го спречи растечкиот број случаи на коронавирусот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Премиерот на привремената Влада, Марк Руте, на прес-конференција ги најави дополнителните мерки против растот на случаите на Ковид-19.
Руте рече дека според преземените дополнителни мерки „делумното затворање“ ќе се спроведува до 4 декември.
Според мерките, кафулињата, рестораните и супермаркетите остануваат отворени од 6 до 20 часот, додека останатите продавници, пазари и услужни простори ќе останат отворени од 6 до 18 часот. Во кафулињата и рестораните во кои се применува Ковид-картичката ќе има фиксни места за седење. Различните настани како свадбите ќе може да се организираат само помеѓу 6 и 18 часот.
Задолжителниот период на затворање нема да важи за уметничките и културните случувања во кината, театрите и концертните сали. На професионалните и аматерски спортски натпревари нема да биде дозволен влез на навивачи.
Додека трае работата од дома и практикувањето на социјалната дистанца во куќите ќе можат да се примаат најмногу до четворица гости.
Освен тоа, Владата ќе работи на нов Нацрт-закон за стапување во сила на т.н. „2Г“ (вакцина или прележување) и примена на картичка за коронавирусот на работното место и во здравствениот сектор.
Владата на 2 ноември повторно го воведе правилото за носење маска и држење дистанца откако почна да се зголемува бројот на заболени од Ковид-19 и најави проширување на опсегот на примена на картичката за коронавирусот.
Најголем број случаи на Ковид-19 регистрирани на дневно ниво во Холандија е забележан на 11 ноември.