Nour Mahd Ali Abu Aisha,Çağrı Koşak
18 Април 2020•Ажурирај: 19 Април 2020
ГАЗА (AA) – НУР ЕБУ ИЈШЕ -
Новиот вид на коронавирус, Ковид-19, продолжува значително да влијае на социјалниот и економскиот живот во Појасот Газа, кој се наоѓа под израелска блокада, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во Газа, како резултат на епидемијата, хуманитарната состојба се влошува, а исто така и економските и здравствените проблеми стануваат сѐ потешки.
Азизе ал Кахлут, портпарол на палестинското Министерство за социјален развој, за Агенција Анадолија (АА) се осврна на начинот на кој Ковид-19 влијае во регионот и на активностите на Министерството во овој контекст.
- Населението во многу тешка ситуација -
„Луѓето се борат да преживеат во оваа многу тешка ситуација. Ковид-19 погоди многу области во животот во Газа“, нагласи Кахлут.
Наведувајќи дека формирале комитет со Министерството за здравство и внатрешни работи за контрола на коронавирусот, Кахлут рече дека од крајот на март ги отвориле центрите за карантин.
Кахлут исто така истакна дека Министерството за социјален развој има план за помош за 200 илјади семејства во случај ситуацијата да се влоши и да се прогласи вонредна состојба.
- Финансиска криза -
Наведувајќи дека годишниот буџет на Министерството бил недоволен и пред појавата на вирусот, Кахлут рече дека нивните проекти можат да ги продолжат со локална и меѓународна поддршка.
Кахлут изјави дека финансиската криза се должи на израелската блокада и поделбите во домашната политика и дека тоа го насочило Министерството кон странска помош.
„Пред две недели започнавме кампања за помош на Палестина во борбата против Ковид-19 од сите арапски и исламски земји“, рече Кахлут, истакнувајќи дека Министерството контактира со странски земји за добивање на финансиска помош.
- Состојбата во центрите за карантин -
Кахлут, посочувајќи дека најголем дел од помошта е пренесена во центрите за карантин, рече дека оние што влегуваат во Газа, 21 ден се ставаат во карантин во училишта или хотели.
Информирајќи дека се формирани 35 карантински центри во Газа, во соработка на министерствата и организациите за помош, Кахлут нагласи дека Министерството ги исполнува потребите на овие центри, особено за постелнини, ќебиња и средства за хигиена.
Тој истакна дека им помагаат на семејствата на лицата кои се наоѓаат во карантин, и дека на 1.000 семејства им се дистрибуирани пакети со храна во вредност од 50 долари.