Mesut Varol
11 Април 2020•Ажурирај: 13 Април 2020
ВАН (АА) - МЕСУТ ВАРОЛ –
Од Центарот за истражување на ван мачките при Универзитетот „Јузунџу Јил“ во градот Ван, соопштија дека Турција ги презела сите неопходни мерки за заштита на реткиот вид мачки од новиот вид коронавирус, Ковид-19.
Ван мачките се познати по својата емоционалност, пријателство, бело свилено крзно, лавовски од, долга и мека опашка која личи на опашка од лисица, различни бои на очите и љубовта кон водата.
Во тек се активностите за заштита на ван мачката и да се зголеми бројноста.
Центарот за истражување на ван мачките при Универзитетот „Јузунџи Јил“ („Yüzüncü Yıl“) во градот Ван, Турција, со голема внимателност ги заштитува овој вид мачки од епидемијата на коронавирусот.
Во Центарот каде што се раѓаат првите мали мачиња годинава, просториите постојано се дезинфицираат, а садовите за храна и нивните легла секој ден се мијат во машини на температура од 90 степени.
Персоналот носи маски и ракавици и ги спроведува сите мерки за мачките да живеат во хигиенско опкружување.
Директорот на Центарот за истражување на ван мачките, д-р Абдула Каја, во изјавата за АА рече дека Центарот околу еден и пол месец е затворен за посетители и дека се преземени сите мерки во борбата против Ковид-19.
Наведувајќи дека даваат голем приоритет на здравјето на мачките, Каја нагласи: „Центарот го затворивме веднаш откако коронавирусот почна да се шири низ светот. Тоа беше мерка за претпазливост за да го спречиме ширењето на епидемијата. Мислиме дека тоа е потребно и за мачките и за персоналот.“
Посочувајќи дека спроведуваат голем број нови активности за здравјето на мачките, Каја рече дека подот се дезинфицира секојдневно, а на два дена центарот се дезинфицира и од воздух.
„Садовите за храна, за вода, леглата и воздухот, се дезинфицира сè. Подот секој ден се чисти со хигиенски средства. Затоа, не постои ризик за здравјето на животните. Имаме и новородени. Тие се во изолирана средина. Немаат контакт со луѓе. Внимателни сме со нив. Слушаме одредени информации дека вирусот се пренесува од луѓе на животни, но доказ за тоа нема. Но, за секој случај ние ги преземаме сите мерки“, нагласи Абдула Каја.