Ahmet Dursun
01 Мај 2020•Ажурирај: 01 Мај 2020
ТЕХЕРАН
Од последиците на заразување со Ковид-19 во Иран, во текот на изминатите 24 часа починаа уште 63 лица, со што бројот на смртни случаи во таа земја е зголемен на 6.091, јавува Агенција Анадолија (АА).
Портпаролот на Министерството за здравство на Иран, Кијануш Џиханпур, соопшти дека во текот на изминатиот ден биле потврдени нови 1.006 случаи на Ковид-19, со што бројот на заразени лица во таа земја се зголеми на 95.646.
„Во тешка состојба се 2.899 пациенти, а досега од Ковид-19 се излекувани 76.318 лица“, изјави Џиханпур.
Покрај тоа, заменик-иранскиот министер за здравство, Ирај Харирчи, изјави дека епидемијата е ставена под контрола во 116 од вкупно 434 подрачја во таа земја.
„Веќе некое време во тие региони нема новозаразени лица, па би можело да дојде до укинување на мерките. В недела ќе донесеме одлука за можното повторно одобрување на верски, спортски и културни манифестации во тие т.н. бели региони“, изјави Харирчи.
Од друга страна, од Универзитетот на здравствени науки во Мазендеран тврдат дека повторно дошло до брзо ширење на коронавирусот во тој касписки регион и дека бројот на новозаразени го надминува бројот на излекувани.