Ekip
24 Март 2020•Ажурирај: 25 Март 2020
ЖЕНЕВА
Специјалниот претставник на ОН за Сирија, Геир Педерсен, денес апелираше за комплетен и итен прекин на огнот во Сирија за да се овозможат сеопфатни напори за сузбивање на епидемијата на коронавирус во земјата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Специјалниот претставник на ОН за Сирија во соопштението од Женева издадено вчера, го потврди повикот на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, што минатата недела го упати до завојуваните страни низ светот, веднаш да прекинат со конфликтите за да му се овозможи на човештвото да се справи со неговиот заеднички непријател - Ковид-19.
„Денес, особено апелирам на комплетен и итен прекин на огнот во Сирија за да се овозможат сеопфатни напори за сузбивање на Ковид-19 во Сирија“, изјави Педерсен.
Тој предупреди дека Сиријците се екстремно ранливи на вирусот, бидејќи здравствените установи во земјата се уништени или деградирани како последица на конфликтот што владее веќе 9 години.
„Постои недостаток на клучна медицинска опрема и здравствени работници“, рече тој, додавајќи дека внатрешно раселените лица и бегалци, како и притворениците и киднапираните лица, живееле во опасни услови.
„Вистински сум загрижен за влијанието врз сириските жени, кои веќе се во првите редови во здравствените системи и системите за поддршка на заедницата“, изјави Педерсен.
„Оваа заедничка закана не познава граници. Не дискриминира, предупреди тој“, додавајќи: „Не е важно дали живеете во области контролирани од сириската Влада или други области.“
„Начинот за справување со оваа опасност е народот, којшто долго време страда во Сирија, да има одржлив период на смиреност низ земјата, што ќе биде почитуван од сите страни.“
„Неодамнешните договори за прекин на огнот го деескалираа насилството во североисточниот и северозападниот дел на Сирија“, истакна Педерсен, велејќи дека тие региони се сè уште ранливи и дека обновеното насилство може да еруптира во секој момент.
Турција и Русија на 5 март се согласија на прекин на огнот за запирање на конфликтите во североисточна Сирија.
„Ова би имало сериозни импликации за Сирија и за глобалниот одговор на Ковид-19 воопшто.“
„Од таа причина, сега повеќе од кога било е потребно да се воспостави прекин на огнот во земјата, на што долго време се повикува“, рече Педерсен, повикувајќи се на Резолуцијата 2254 на Советот за безбедност на ОН.
„Прекинот на огнот мора да се почитува од сите страни“, додаде тој.
Сирија е заробена во жестока граѓанска војна уште од почетокот на 2011 година, кога режимот на Башар ал Асад презеде мерки со неочекувана свирепост кон продемократските протести.
Оттогаш се верува дека стотици илјади луѓе се убиени, а над 10 милиони се раселени како последица на конфликтот.
Според податоците од Универзитетот „Џонс Хопкинс“ во САД, вирусот што за првпат се појави во Вухан, Кина, минатиот декември, се прошири во најмалку 169 земји и региони низ светот, додека бројот на детектирани случаи на заразени со новиот тип коронавирус надмина 395.000, а бројот на починати е над 17.150, додека речиси 103.000 се излекувале.