Gözde Bayar
07 Јуни 2020•Ажурирај: 07 Јуни 2020
ВАШИНГТОН (АА) - Илјадници демонстранти во Соединетите Американски Држави (САД) продолжуваат со протестите поради смртта на Афроамериканецот Џорџ Флојд, кој почина како резултат на полициско насилство при апсењето, јавува Агенција Анадолија (АА).
Демонстрантите протестираа против расизмот и полициската бруталност во главниот град Вашингтон, а во сојузната држава Северна Каролина се одржа и втората комеморација за Џорџ Флојд.
Демонстрантите се собраа пред Споменикот на Линколн во Вашингтон и симулираа дека се мртви, молчејќи осум минути и 46 секунди - времето кое Флојд го мина лежејќи на земја и гушејќи се поради притисокот од коленото на полицаецот белец, Дерек Шаувин, на неговиот врат при апсењето.
Демонстрантите потоа заминаа кон паркот „Лафајет“, кој се наоѓа наспроти Белата куќа. Градоначалникот Мјуриел Баузер и здравствените работници маршираа во знак на поддршка на демонстрантите.
„Сите треба да гледаме што се случува во Вашингтон затоа што не сакаме федералната Влада да го стори тоа на ниеден друг Американец“, рече Баузер додека се движеше заедно со демонстрантите.
Протестите против полициската бруталност во САД траат речиси две недели по смртта на Флојд во Минеаполис, во сојузната држава Минесота.
Четворицата полицајци кои беа присутни при апсењето се отпуштени. Шаувин е обвинет за убиство од втор степен. Другите полицајци се товарат за помагање и за поттикнување.