Muhammet İkbal Arslan
29 Март 2023•Ажурирај: 30 Март 2023
ЖЕНЕВА (АА) - Додека Светската здравствена организација (СЗО) ги ревидира своите препораки за вакцинација против Ковид-19, на здравите деца и адолесцентите можеби нема нужно да им биде потребна вакцина, но постарите и ризичните групи може да добијат дополнителна доза по шест до 12 месеци од нивната последна вакцинација, пренесува Анадолу.
СЗО соопшти дека Советодавната група SAGE ја ревидирала својата мапа на вакцинација, давајќи ѝ приоритет на заштитата на оние што се изложени на најголем ризик од смрт и сериозни болести.
Иако постојат ревидирани препораки за бустер дозите и нивните интервали при вакцинацијата, наведени се три приоритетни групи за вакцинација против Ковид-19 - висока, средна и ниска.
Во групата со висок приоритет спаѓаат старите лица, додека во групата со среден приоритет се опфатени и здравите возрасни (под 50-60 години) без болести, а во групата со низок приоритет се вклучени здравите деца и адолесцентите на возраст од шест до 17 години.
Со оглед на високото ниво на имунитет на населението низ светот поради распространетата инфекција и вакцинација, главна цел на вакцинацијата е да се заштитат оние што се изложени на ризик од сериозни болести и смрт.
Дополнителна доза по шест или 12 месеци од последната вакцина се препорачува за постари возрасни лица и млади лица со други значајни фактори на ризик во популациската група со висок приоритет.
Иако не се препорачува вакцинација на здрави деца и адолесценти во групата со низок приоритет, се наведува дека земјите треба да размислат за вакцинација врз основа на фактори, како што се оптоварувањето со болеста и трошоците за оваа група.