Bayram Altuğ
15 Јуни 2021•Ажурирај: 15 Јуни 2021
ЖЕНЕВА
Генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејсус, изјави дека во текот на последните седум недели е забележан пад на новозаразените со коронавирусот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ова е најдолга серија на опаѓање на неделно ниво од почетокот на пандемијата.
Гебрејсус во Женева изјави дека цел им е да вакцинираат најмалку 70 отсто од светската популација до самитот на Г7, што ќе се одржи во Германија во 2022 година.
„Потребни ни се 11 милијарди дози вакцини за да ја постигнеме оваа цел“, изјави челникот на СЗО.
Проценувајќи ја моменталната ситуација кога станува збор за пандемијата, Гебрејсус изјави дека во последните седум недели е забележан пад на бројот на новозаразени.
„Иако бројот на новозаразени на неделно ниво е најнизок од февруари, бројот на смртни случаи не паѓа така брзо. Бројот на смртни случаи пријавени минатата недела беше сличен на една недела претходно. Повеќе од 10.000 луѓе умираат секој ден. Повеќе од 420 луѓе, само додека трае оваа прес-конференција, ќе умрат“, изјави Гебрејсус.
Наведувајќи дека падот на бројот на заразени го „маскира“ алармантниот пораст на случаи и смртни случаи во многу земји, Гебрејсус изјави дека наглиот пораст во Африка е посебно загрижувачки бидејќи тоа е регион со мал пристап до вакцини.