Mustafa Melih Ahıshalı
18 Март 2020•Ажурирај: 19 Март 2020
ИСТАНБУЛ (АА) - Во новиот извештај за новиот вид коронавирус Ковид-19, подготвен од научниците што работат на Техничкиот универзитет „Шериф“ во Иран, се истакнува дека од коронавирусот во Иран би можеле да починат 3,5 милиони луѓе, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„3,5 милиони луѓе би можеле да починат поради вирусот доколку не се примени мерката карантин и доколку луѓето не ги следат упатствата издадени од властите во врска со борбата против вирусот.“
Извештајот подготвен од Научниот комитет на чело со проф. д-р Али Наки Мешајихи од Техничкиот универзитет „Шериф“ во Иран, една од најпочитуваните образовни институции во земјата, објавен е на сајтот за вести „Tinn“.
Во извештајот се истакнуваат три сценарија во врска со можните последици од коронавирусот во Иран.
- Ако се примени карантинот, бројот на починати ќе изнесува 12 илјади -
Првото и најдобро сценарио ни кажува што ќе се случи „ако карантинот е целосно имплементиран и луѓето строго ги следат упатствата за да се заштитат од вирусот“.
Според ова сценарио, во кое луѓето ќе се изолираат едни од други за 80 проценти, бројот на заболени се проценува на 120 илјади, а бројот на починати е околу 12 илјади во првите денови од април, кога епидемијата ќе биде на самиот врв.
- Доколку мерката карантин не се спроведува, бројот на починати ќе изнесува 110 илјади -
Според второто сценарио, во кое мерката карантин нема да се применува целосно и контактот меѓу луѓето ќе биде на нивото од 50 проценти, се предвидува дека до крајот на април бројот на заболени ќе изнесува 300.000, а бројот на починати околу 110 илјади.
- Ако не се примени мерката карантин, ќе има 3,5 милиони починати -
Во третото, најлошото сценарио, се наведува што ќе се случи доколку не се спроведе карантин и доколку луѓето ги игнорираат упатствата за заштита од вирусот.
Во ова сценарио, во кое се предвидува влошување на јавното здравство, стапката на ширење на вирусот се очекува да биде околу 65 проценти.
Во овој случај се наведува дека врвот на епидемијата ќе продолжи до последните денови на месец мај и бројот на заболени ќе изнесува околу 4 милиони, а бројот на починати лица ќе биде 3,5 милиони.
Во Иран, Ковид-19 првпат беше регистриран во градот Ком на 19 февруари, а потоа се рашири низ целата земја.
Министерството за здравство на Иран соопшти дека до денес од коронавирусот починале 988 лица, а бројот на заболени изнесува 16.169.