Dildar Baykan
22 Април 2020•Ажурирај: 22 Април 2020
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека во рамките на ублажувањето на мерките кои одредени сојузни држави ги преземаа против Ковид-19, ќе бидат отворени националните паркови, јавува Агенција Анадолија (AA).
Трамп, на програмата по повод одбележувањето на „Денот на планетата Земја“,одржана во Белата куќа, потсети на акциониот план во три фази подготвен за повторно враќање на економијата во сојузните држави каде пандемијата не остави големи последици.
Тој го нарече Ковид-19 невидлив непријател.
„Задоволство ми е да соопштам дека благодарение на она што го презедовме против невидливиот непријател, како дел од подготвениот акционен план, за американскиот народ ќе ги отвориме националните паркови и јавните површини“, рече Трамп.
Трамп упати критики на сметка на Кина, иако не кажа директно за кого станува збор.
„Оваа пандемија можеше да биде ставена под контрола таму каде што првобитно изби. Сите знаете од каде тргна заразата“, рече Трамп.
Националните паркови и јавните површини низ САД се затворени како дел од преземените мерки за спречување на ширењето на новиот вид коронавирус, Ковид-19.