Servet Günerigök
15 Април 2020•Ажурирај: 15 Април 2020
ВАШИНГТОН
Американскиот претседател Доналд Трамп вчера изјави дека САД го запираат финансирањето на Светската здравствена организација (СЗО) во услови на пандемијата на коронавирусот, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Денеска ѝ наложувам на мојата администрација да запре со финансирањето на СЗО, додека се спроведува преглед за проценка на улогата на СЗО во сериозно лошото управување и прикривање на ширењето на коронавирусот“, изјави Трамп за време на брифингот за коронавирусот во Белата куќа.
Тој рече дека американските даночни обврзници обезбедуваат помеѓу 400 и 500 милиони долари годишно за организацијата, додека Кина дава само 40 милиони долари.
„Како водечки спонзор на организацијата, САД имаат должност да инсистираат на целосна одговорност“, изјави Трамп.
„Една од најопасните и скапи одлуки од СЗО беше нејзината катастрофална одлука да се спротивстави на патните ограничувања од Кина и другите нации“, рече тој.
Трамп минатата недела на социјалната мрежа Твитер го обвини најголемото здравствено светско тело дека е „многу концентрирано“ на Кина и дава лош совет за време на појавата на коронавирусот. Тој рече дека неговата администрација ќе го разгледа суспендирањето на финансирањето.
Тој исто така рече дека СЗО се спротивставила на патните ограничувања воведени од страна на САД врз Кина и другите нации во јануари, но не бил убеден и го суспендирал патувањето од Кина, за да спаси животи.
„Доколку и другите нации го стопираа патувањето од Кина, безброј животи ќе беа спасени“, рече Трамп.
„Нападот на СЗО врз патните ограничувања ја стави политичката исправност над мерките за спасување на живот. Реалноста е дека СЗО не успеа соодветно да ги добие, да ги разгледа и сподели информациите навреме и на транспарентен начин“, додаде претседателот.
„Ние ќе продолжиме да се ангажираме со СЗО за да видиме дали може да направиме значајни реформи“, изјави Трамп.
- Одговор од ОН: Не е време да се намалуваат ресурсите
По ваквата изјава на Трамп, генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, издаде соопштение во кое повикува на поддршка за здравствената организација, бидејќи е апсолутно клучна за напорите на светот да ја добие војната против Ковид-19.
Гутереш предупреди дека не е време да се намалуваат ресурсите за работењето на хуманитарните организации, како и на СЗО.
„Како што реков претходно, сега е време за обединување и меѓународната заедница треба да работи заедно во солидарност за да го спречи овој вирус и последиците од него“, рече тој.
Трамп изјави дека доколку СЗО си ја извршела својата работа да донесе експерти во Кина и доколку имала пристап до ситуацијата на терен, епидемијата би билa воздржана во својот извор со многу малку смртни случаи.
Вирусот Ковид-19 најпрвин се појави во Вухан, Кина, во декември 2019 година и досега се рашири во 200 земји низ светот, пренасочувајќи го епицентарот на вирусот кон Европа и САД.
Во светот се регистрирани над 2 милиони потврдени случаи на вирусот, а бројот на смртни случаи во светот е повеќе од 126.000. Речиси 485.000 пациенти се излекувани.