Mümin Altaş
28 Септември 2021•Ажурирај: 29 Септември 2021
АНКАРА (АА) - Турскиот министер за здравство, Фахретин Коџа, денес изјави дека бројот на случаи на Ковид-19 во Турција кај старосната група од 0 до 17 години се удвоил во последните три недели со повторното отворање на училиштата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Коџа рече дека просечниот број активни случаи е 400.000, додавајќи дека една четвртина од сите случаи на Ковид-19 се откриени во старосната група од 0 до 17 години. Тој нагласи дека отворањето на универзитетите ќе има влијание врз бројот на случаи.
„Како Научен советодавен одбор за коронавирусот и Министерство за здравство, ние веруваме дека сите алтернативи, вклучително и образованието за време на викенд, треба да бидат достапни и училиштата да останат отворени“, рече тој, додавајќи дека тие не сакаат да воведат дополнителни ограничувања во наредниот период.
Наведувајќи дека домашната вакцина против Ковид-19, „Турковак“, ќе биде готова за употреба во наредните месеци, тој рече дека главната цел на вакцинацијата е да се постигне колективен имунитет.
Тој додаде дека ќе понуди алтернативна опција со вакцината „Турковак“, покрај вакцините што доаѓаат од странство, така што луѓето ќе можат да избираат од достапните вакцини.
На прашањето за оние што се против вакцините, Коџа рече дека Турците немаат проблеми со вакцинацијата, но дека „можеби имало такви што ја одложиле вакцинацијата“.
Според официјалните податоци објавени вчера, Турција од јануари, кога започна кампањата за имунизација во земјата, има администрирано над 108,5 милиони вакцини против коронавирусот.
„Повеќе од 53,6 милиони луѓе ги примија првите дози, додека повеќе од 43,9 милиони луѓе се целосно вакцинирани“, соопшти турското Министерство за здравство.
Според податоците на американскиот Универзитет „Џонс Хопкинс“, од декември 2019 година пандемијата во светски рамки однесе над 4,75 милиони животи во 192 земји и региони во светот, а пријавени се повеќе од 232,4 милиони случаи.