Senada Ibraimova
30 Декември 2016•Ажурирај: 31 Декември 2016
СКОПЈЕ (АА) – Националниот Ансамбл за народни игри и песни на Македонија „Танец“ вечерва настапи со својот 67. новогодишен концерт на сцената на Македонска Опера и Балет (МОБ), јавува Anadolu Agency (AA).
Концертот претставува традиционална изведба на македонски ора и песни и се одржува секоја година непосредно пред новогодишната вечер. На сцената на МОБ настапија оркестарот при „Танец“, чии раководители се Милан Завков и Бајца Арифовска, пеачкиот хор кој го раководи Гоце Цоневски и играорниот хор чијшто раководител е Јовица Блажевски.
Членовите на Националниот Ансамбл за народни игри и песни на Македонија „Танец“ ја забавуваа публиката со народни игри и ора, фрагменти и кореографија. Ансамблот Танец претставува симбол на македонскиот фолклор, традиција и култура веќе шест децении.
Тој е културен амбасадор кој ја презентира и споделува македонската традиција во државата и во светот. Националната установа за народни игри и песни ансамбл „Tанец” е официјано формиран во мај 1949 година, а првото претставување се случило 1950 година во Англија на “Интернационалниот фестивал” во Велс.
На вечерашниот концерт на „Танец“ присуствуваше и претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов.