Во Анкара отворена изложбата на фотографии од јубилејниот 10. натпревар на Istanbul Photo Awards
Меѓу многуте гости на отворањето на изложбата во галеријата ЦерМодерн беа претседателот на Управниот одбор и генерален директор на АА, Сердар Караѓоз, палестинскиот амбасадор во Анкара, Фаед Мустафа, српскиот амбасадор во Туркије, Аца Јовановиќ...
АНКАРА (АА) – Во Анкара, главниот град на Туркије, беше отворена четвртата изложба на фотографии од десеттото јубилејно издание на Istanbul Photo Awards, меѓународен натпревар организиран од Анадолу.
Изложбата ја сочинуваат делата на сите фотографи што беа наградени на годинашниот натпревар.
Меѓу многуте гости на отворањето на изложбата во галеријата ЦерМодерн беа претседателот на Управниот одбор и генерален директор на АА, Сердар Караѓоз, палестинскиот амбасадор во Анкара, Фаед Мустафа, српскиот амбасадор во Туркије, Аца Јовановиќ и амбасадорката на Никарагва, Татуана Даниела Гарсија.
Караѓоз во обраќањето пред присутните истакна дека јавноста преку медиумите секојдневно во живо го следи геноцидот што израелските власти немилосрдно го спроведуваат подолго од една година над угнетениот палестински народ.
Тој потсети дека палестинскиот фотограф Мохамед Салем е добитник на наградата за „Фотографија на годината“ со неговата фотографија со наслов „Палестинка го гушка мртвото тело на својот внук“.
„Оваа фотографија ќе остави трага во следните 10, 20 и 100 години и никогаш нема да дозволи да го заборавиме овој геноцид“, рече Караѓоз.
Нагласувајќи дека траумата предизвикана од геноцидот на невините Палестинци влијае и врз милиони луѓе што ја гледаат, Караѓоз рече дека е тешко да се погледне оваа фотографија бидејќи совеста ги боли сите што ја имаат во себе.
„Се прашуваме дали вложивме доволно напори да го запреме и спречиме овој геноцид“, рече Караѓоз.
- Глас на совеста и вистината -
Првиот човек на АА, Караѓоз, исто така, рече дека голем број новинари ги документирале воените злосторства и геноциди во историјата со фотографиите и видеата што ги направиле.
„Ние сме гласот на совеста што ја открива вистината во времето во кое живееме денес“, нагласи тој.
Наведувајќи дека АА во улога на глас на совеста објави книги и документарни филмови наречени „Докази“, „Сведок“ и „Обвинети“ и со тоа помогна во пишувањето на историјата, Караѓоз рече дека Istanbul Photo Awards ја обединува фотографијата со луѓето и претставува најпрестижен, најголем и најмасовен натпревар на фотографии во светот.
„Во наредните векови историчарите ќе ја оценуваат и судат историјата гледајќи ги фотографиите на Istanbul Photo Awards“, рече Караѓоз.
- Покана за фотографите да учествуваат на Istanbul Photo Awards -
Караѓоз изјави дека на натпреварот во 2024 година учествувале повеќе од 20.000 фотографии од 118 земји, а во десет натпреварувачки категории биле наградени 32 фотографи.
Тој потсети дека пријавувањето за Istanbul Photo Awards 2025 е во тек и ќе трае до 10 јануари.
„Фотографијата сведочи. Фотографијата е доказ и запис. Сите фотографи од целиот свет имаат можност заедно да испишуваат историја преку Istanbul Photo Awards. Ве повикувам да ни се придружите“, рече Караѓоз.
Тој им се заблагодари на сите што го поддржуваат овој реномиран натпревар. Годинашниот натпревар беше поддржан од спонзори и Турксел како спонзор за комуникација, Сони како спонзор на наградите, Турската агенција за соработка и координација (ТИКА) како спонзор на меѓународни настани и Туркиш Ерлајнс (THY) како спонзор авиокомпанија.
По говорот, членот на жирито на Istanbul Photo Awards 2024, Фират Јурдакул, ги претстави изложените фотографии.
- „Секој треба да се обиде да се стави во кожата на фотографите на овие фотографии“ -
Амбасадорот на Србија во Анкара, Аца Јовановиќ, изјави дека му е мило што е на изложбата и дека фотографиите му оставиле силен впечаток.
„Мој прв впечаток е дека сите фотографии покажуваат голема трагедија, голема болка“, рече амбасадорот Јовановиќ.
Тој додаде дека секој треба да размисли и да се обиде да се стави во кожата на авторите на овие фотографии.
Јовановиќ истакна дека фотографијата што е избрана за победничка му оставила најголем впечаток.
На отворањето на изложбата присуствуваа замениците на генералниот директор на АА, Јусуф Ожан и Огуз Енис Перу, раководителот на Академијата АА и координатор за публикации Јахја Бостан, координаторот за публикации и продукција Огуз Каракаш, како и голем број други гости.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.