Husameddin Gina
01 Ноември 2018•Ажурирај: 03 Ноември 2018
СКОПЈЕ (АА) – Во периодот од 8 до 18 ноември, во организација на Младинскиот културен центар, Скопје ќе биде домаќин на најголемиот филмски фестивал на европскиот филм „Синедејс“, јавува Anadolu Agency (AA).
Градоначаникот на градот Скопје, Петре Шилегов на денешната прес-конференција по повод 17. Меѓународен фестивал на европскиот филм „Синедејс“, рече дека со гордост може да каже дека Скопје е единствениот град кој ја следи традицијата на Европскиот филмски фестивал „Синедејс“.
Обраќајќи се по повод Фестивалот, Шилегов потсети дека „Синедејс“ е европски проект, започнат пред точно 17 години од страна на двајца, како што рече, врвни филмски работници, Педро Алмодовар и Вивиен Рединг.
„Со гордост можам да кажам дека Скопје е единствениот град кој ја следи оваа традиција. Оваа манифестација, за жал, во деновите на европскиот филм во Европа е згасната, меѓутоа, ние со нашата скопска упорност, нашиот скопски инает, ако сакате, упорно го одржуваме овој фестивал во живот“, истакна Шилегов.
Организаторите на Фестивалот, од гала-програмата која изобилува со врвни режисерски имиња и наградувани филмови на фестивалите вo Кан, Сан Себастијан, Венеција, Берлин, Ротердам, посебно го нагласија филмот „Фаворит“ (The Favorite) на Јоргос Лантимос, филм чијашто премиера се случи на овогодишното издание на Венецискиот фестивал и допатува специјално на „Синедејс“, пред воопшто да биде пуштен во кино-дистрибуција, закажана за 2019 година.
На прес-конференцијата, исто така беше најавена и долгочекуваната македонска премиера на филмот „Хеј“ на македонскиот режисер Васил Христов, со кој ќе биде затворено овогодишното издание на „Синедејс".