Admir Fazlagic
17 Октомври 2019•Ажурирај: 19 Октомври 2019
СКОПЈЕ (АА) - Балканската музичка ѕвезда Дино Мерлин за новогодишната ноќ ќе настапи во Скопје, објави денеска градоначалникот на градот Скопје, Петре Шилегов, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Град Скопје, заедно со новиот пријател на Скопје, Дино Мерлин, на сите посетители на новогодишната ноќ ќе понуди уникатно шоу кое се подготвува специјално за тој новогодишен концерт и кој долго ќе го паметат присутните. За мене е императив граѓаните кои ќе дојдат на плоштадот да си поминат убаво, со стандарди на едно шоу какво што ретко може да се види во нашиот град“, рече Шилегов.
Босанско-херцеговскиот поп-пејач, Мерлин, истакна дека му претставува особена чест да настапи на, како што рече, вакво посебно место, какво што е главниот плоштад во Скопје.
„Концертот и шоуто што ги подготвуваме ќе бидат нашиот прв настап по цела година откако го завршивме патот околу светот наречен „Хотел Национал“, а кој траеше речиси пет години. Ми недостигаше мојата публика и многу се радувам на новиот предизвик – Новата година на плоштадот ќе биде првиот чекор во новиот пат околу светот и нов проект“, рече Мерлин, и истакна:
„Сакам да нагласам дека разликите и тешкотиите не постојат кога срцата ни се отворени, а целите исти. Целта е за Нова година во Скопје да реализираме шоу какво што заслужува овој посебен град и земја и да го дадеме најдоброто од себе на сите драги луѓе кои заедно со нас ќе влезат во Новата 2020 година.“
Во пресрет на Новата година, и оваа година, во текот на декември ќе биде поставена новогодишната населба наречена „Винтерленд“.
„Градот Скопје работи на збогатување на програмата и надградување на концептот на „Винтерленд“, односно „Винтерленд“ оваа година ќе понуди повеќе содржини и поголема забава за граѓаните кои во студениот декември ќе сакаат да ја почувствуваат новогодишната магија на Градскиот плоштад", информираат од Град Скопје.