Mehmet Alaca,Nuri Aydın,Sümeyye Dilara Dinçer
15 Април 2022•Ажурирај: 18 Април 2022
АНКАРА (АА) - МЕРВЕ БЕРКЕР -
Фоторепортерот Константинос Цакaлидис, кој ја доби наградата за фотографија на годината „Istanbul Photo Awards 2022“, организирана по осми пат од Агенција Анадолија, истакна дека „Istanbul Photo Awards“ е една од најпрестижните награди во последните години, бидејќи членовите на жири-комисијата имаат големо искуство во областа на фоторепортерството.
Меѓу над 16.00 фотографии испратени од различни делови на светот, фотографијата насловена како „Жената од Евија“ на Цакилидис беше оценета како најдобра.
Грчкиот фоторепортер Цакaлидис, вработен во „Блумберг“, за Агенција Анадолија (АА) ја раскажа приказната за наградената фотографија.

Наведувајќи дека фотографијата ја направил на 8 август 2021 година, во селото Гувс на островот Евија, Цакaлидис рече дека и покрај проширениот пожар, ја напуштил точката каде што се наоѓале другите фоторепортери и се приближил до селото.
„Помислив дека доколку пожарот навистина дојде до домовите, тоа ќе бидат фотографии кои најсликовито ќе ја опишат катастрофата со која се соочивме во последните години и последиците од климатската криза“, рече Цакaлидис.
Раскажа дека жената на фотографијата за која му беше доделена наградата, раскажувала за тоа колку напори вложила во изградбата на куќата: „Додека ми го кажуваше тоа, пламенот ја зафати боровата шума зад куќата. Фотографијата ја направив во тој момент.“
„Како фоторепортер првпат бев сведок на ваков голем пожар и можам да кажам дека малку бев исплашен“, рече Цакaлидис.
Наведувајќи дека во приказната за „Жената од Евија“ ги следел своите инстинкти, додаде: „Мислам дека треба да се има храброст и силен карактер за да ги следиш приказните.“
Искоментира и за значењето кое за него го има фотографијата, и нагласи:
„Мислам дека оваа фотографија најдобро го опишува очајот и тагата на луѓето на островот Евија поради уништувањето на природната средина, како и првичната негрижа на државата да реагира на пожарот.“
- „Поправеден свет“ -
Осврнувајќи се на одговорностите на фоторепортерите и моќта на нивната работа, Цакaлидис рече дека не верува дека една фотографија може да го промени целиот свет.
„Можеби можеме светот да го направиме поправеден, а исто така, поправеден да биде и начинот на кој политичарите ги третираат луѓето“, рече Цакaлидис.
Алудирајќи на начинот на кој технолошкиот напредок влијае на денешниот свет, Цакaлидис рече: „Мислам дека најважно е да помогнеме да се елиминираат дезинформациите повеќе од кога било досега.“
- „Голема чест“ -
Цакaлидис рече дека за него е голема чест да се добие наградата „Фотографија на годината“.
Тој, исто така, подвлече дека „Istanbul Photo Awards“ е еден од најважните и најпрестижните натпревари во фотографската индустрија во последните години, не само поради наградите, туку и поради членовите на жирито.
Цакaлидис наведе дека на конкурсот имало многу луѓе со искуство во областа на фотографијата, и даде совети на оние кои сакаат да станат фоторепортери. „Мојот единствен совет до нив е да излезат и да ги следат настаните, бидејќи не можете да добиете нешто ако не сте вклучени во настаните.“
Истакнувајќи дека треба да се трудат да фотографираат повеќе секој ден и да ги следат нивните инстинкти, Цакaлидис рече: „Треба да бидете таму за време на настанот за да направите добри фотографии. Само тогаш можете да снимате нешто важно.“
- „Да се биде фриленсер не е секогаш лесно“ -
За разликата помеѓу редовен работен однос во медиум и работа како фриленсер, Цакaлидис вели дека не е секогаш лесно да се биде фриленсер, бидејќи нема фиксни примања секој месец.
Тој, посочувајќи дека фриленсерите треба постојано да ги следат настаните за да продуцираат вести, ги нагласи и предностите на таквите ангажмани.
„Фоторепортерот може сам да избере кои настани ќе ги покрие, бидејќи нема шеф“, рече Цакaлидис.
Додавајќи дека е потребен познат медиум за заедничка работа во ситуации како што е војната Украина-Русија, Цакaлидис нагласи:
„Многу е тешко да се следи тоа како фриленсер. Потребна ви е голема поддршка и за вашата безбедност и за буџетот.“
Детални информации за жирито на „Istanbul Photo Awards 2022“ и победничките фотографии може да се најдат на веб-страницата на натпреварот: www.istanbulphotoawards.com.