Qais Omar Darwesh Omar,Çağrı Koşak
29 Октомври 2021•Ажурирај: 03 Ноември 2021
ЕРИХОН (АА) – КАЈС ЕБУ СЕМРА -
Џиновскиот мозаик од 827 квадратни метри наречен „Дрвото на животот“, кој се наоѓа на подот на палатата изградена од омајадскиот калиф, Хишам бин Абдулмелик во градот Ерихон, Палестина, ќе биде отворен за посетителите, јавува Агенција Анадолија (АА).
На сликата на подот од бањата во палатата прикажани се три газели околу едно дрво. Едната газела е уловена од лав, додека другите го продолжуваат својот живот. Се наведува дека овој приказ на мозаикот зборува за војната и мирот.
Палестинското Министерство за туризам соопшти дека по речиси четири и пол години работа направени се последните подготовки за отворањето на делото во Ерихон, за кое се вели дека е еден од најголемите мозаици во светот.
Во рамките на работите кои се изведуваат со поддршка на Јапонската агенција за меѓународна соработка (JICA), во делот каде што се наоѓа мозаикот изграден е специјален заштитен покрив на површина од приближно 2.500 квадратни метри.
Во рамките на реставраторските работи, соопштено е дека проектот чини 12 милиони долари. Реновирањето е извршено во палатата која беше уништена во земјотресот.

Исто така, се наведува дека се поставени посебни платформи за да може мозаиците да се посетат без да бидат оштетени.
- „Важен проект од областа на заштитата на културното наследство во светот“ -
Ијад Хамдан, директор на Канцеларијата на палестинското Министерство за туризам во Ерихон, во изјавата за Агенција Анадолија (АА) рече дека реставрацијата е „важен проект во областа на зачувувањето на културното наследство во светот“.
Хамдан, истакнувајќи дека со овој проект имаат за цел да го отворат регионот за посетителите, рече дека делата ќе бидат заштитени од неповолни временски услови како што се високите температури или дождот.
- Во „Дрвото на животот“ има камења со 21 различна боја“-
„Сликата се состои од 38 стручно комбинирани мозаични структури збогатени со геометрија, растителни и животински елементи, а на сликата има камења со 21 различна боја“, информираше Хамдан за џиновскиот мозаик од 827 квадратни метри наречен „Дрвото на животот“.
Тој посочи дека камењата кои се употребени се донесени од различни делови на Палестина, и дека мозаикот ја искажува и историјата на палестинскиот народ.
- Се очекува заживување туризмот во Палестина -
Наведувајќи дека во ист момент стотици луѓе ќе можат да го видат џиновскиот мозаик, Хамдан рече: „Оваа слика ја отворивме во 2016 година. Таа беше отворена за туристи и посетители само еден месец. Како резултат на тоа, бројот на туристи беше зголемен за 900 отсто во однос на истиот период од 2015 година.“
Мозаикот кој е откриен на почетокот на минатиот век, се чувал покриен со песок до 2010 година. Сликата последен пат за посетителите беше отворена во 2016 година. Потоа започна реставрацијата за да се обезбеди посебна заштита.