Admir Fazlagic
09 Јуни 2016•Ажурирај: 09 Јуни 2016
СКОПЈЕ (АА) - Институтот за акредитација на Република Македонија во соработка со Министерството за информатичко општество и администрација со свечен настан денес го одбележа Светскиот ден на акредитацијата, а овогодинешното мото на одбележување е „Акредитација: Глобална алатка за поддршка на работата на јавниот сектор", јавува Anaolu Agency (AA).
Според министерката за информатичко општество и администрација Марта Арсовска-Томовска, одбележувањето на овој ден е значајно што темата на настанот е имплементирањето на акредитацијата во јавниот сектор, што претставува нова реалност во светот на акредитацијата.
„Ако досега се акредитирале најчесто компаниите, односно бизнис секторот, сега за прв пат ја промовираме иницијативата за акредитација на јавниот сектор, и тука Република Македонија има многу направено, особено во здравството, образованието, каде што имаме акредитирано 80 лаборатории, во областа на земјоделието, животната средина, меѓутоа, и во самите јавни институции со законот кој го предложи министерството во 2013 година. Сите институции на јавниот сектор задолжително да се сертифицираат по ISO стандарди и во заедничката рамка за компетенции КAФ рамка која што е европски стандард за јавни администрации. Најголемиот дел од јавните институции се ISO серитифицрани, во однос на КАФ сертификацијата која што е еден комплексен проблем, можам да кажам дека 30-тина институции се веќе сертифицирани ,15 во фаза на сертификација и тоа е процес што трае", изјави Арсовска Томовска, која додаде дека акредитацијата е гаранција за квалитет на работата на јавните институции, како и од почетокот од креирањето на јавните политики така и како еден контролен механизам дали јавните политики се успешно креирани.
Акредитацијата како алатка на сите државни и јавни институции, дава еден нов поглед на акредитацијата, смета директорот на Институтот за акредитација на Република Македонија Трпе Ристовски. Тој информираше дека денесе се промовират 33 нови акредитирани тела од најразлични области, лаборатории, инспекциски и сертификациски тела,како и дека се издадени 30-ина нови реакредитации.
„Со акредитацијата сите акредитирани тела добиваат компетентен и квалитетен извештај, а тие извештаи, што е најважно за стопанството, се признаени во целиот свет", истакна Ристовски и додаде дека таа претставува пасош во трговијата на целокупното стопанство.
„Институтот, благодарение на потпишаните договори со меѓународните организации, едноставно претставува пасош во трговијата на целокупното наше стопанство. Тоа значи дека кога нашите компании извезуваат не треба дополнително да го докажуваат својот квалитет на производи, нашите компании можат слободно да учествуваат на меѓународни тендери."
Македонскиот Институт за акредитација може да ја врши својата дејност надвор од државата. Денеска ќе доделат сертификат на италијанска компанија која работи во Албанија, а претходно издале акредитација за француски компании.