Bahar Kara
18 Мај 2017•Ажурирај: 19 Мај 2017
ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, денес во Истанбул изјави дека колку и да е важен европскиот пазар за Анкара, во иста мера, како што рече, можеби и повеќе од тоа, Турција е важна за Европа, јавува Anadolu Agency (AA).
„Колку и да е важен европскиот пазар за нас, толку сме и ние важни за Европа, дури можеби и повеќе од тоа. Важно да се увиди и тој момент. Имајќи ја предвид таквата состојба, спроведуваме преговори за Царинска унија", рече турскиот претседател во обраќањето на состанокот на Советодавниот одбор на Здружението на турски индустријалци и бизнисмени (TUSIAD).
Тој напомена дека турските власти никогаш нема да дозволат, како што рече, некој да ја погази честа и славата на народот.
„Нема да дозволиме некој да гази по славата и честа на овој народ. Ние водиме различни преговори. Ако официјалните лица на ЕУ на овие состаноци заземат чесен и позитивен став, ние продолжуваме по тој пат, но ако тоа не го сторат тогаш ќе видиме што понатаму“, рече Ердоган.
Тој истакна дека турските власти и во наредниот период ќе работат напорно и посветено, со цел да постигнат повисоко ниво на напредок.
„Во Турција, веќе ништо нема да биде како порано. Нема да ги имаме проблемите што ги имавме порано. Правиме подготовки за нова ера на напредок на полето на демократијата и економијата. Во голема мера ја воспоствивме потребната инфраструктура, а и понатаму работиме на тоа, со цел да изградиме силна и просперитетна Турција“, рече Ердоган, додавајќи дека во таа нова ера најугледни луѓе ќе бидат стопанствениците кои придонесуваат кон вработувањето и тежнеат кон иновации.
На крајот нагласи дека Турција во наредниот период уште повеќе ќе инвестира во областа на образованието, кое, како што рече, е клучно за напредна економија.