Ekipa
10 Август 2016•Ажурирај: 11 Август 2016
АНКАРА (АА) - Денес во Анкара, турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу во врска со соборувањето на рускиот авион изјави дека се приведени некои од пилотите вмешани во неговото соборување во ноември минатата година, јавува Anadolu Agency (AA).
„Тие ќе бидат процесуирани не само поради вмешаност во инцидентот, туку и поради членување во терористичката организација ФЕТО”, рече Чавушоглу.
Чавушоглу беше гостин во уредничкиот деск на АА во Анкара, каде што одговараше на прашања од новинарите и уредниците на АА од целиот свет, а се осврна и на вчерашната посета на турската делегација во Русија, предводена од претседателот Реџеп Таип Ердоган.
Тој во врска со иднината на односите меѓу Турција и Русија истакна дека истите нема да ги одредува Западот.
Министерот за надворешни работи на Турција изјави дека Турција и Русија во врска со Сирија формираат трилатерален механизам на ниво на министерствата, разузнавачките служби и војската.
„Претходно (со Русија) имавме различни механизми меѓу војската, Министерството за надворешни работи и разузнавачките служби. Сега формираме еден трилатерален механизам. Заедно со нашиот шеф на разузнавачката служба, вечерва во Санкт Петербург патуваат наши луѓе од Министерството и вооружените сили. Подоцна ќе одржиме состанок на повисоко ниво, со учество на министрите за надворешни работи”, рече Чавушоглу.
Тој истакна дека одлуката на Турција за зајакнување на соработката со Русија на полето на одбранбената индустрија не претставува чекор против НАТО.
„(Во врска со одлуката на Турција и Русија за зајакнување на соработката во одбранбената индустрија) Постојат земји кои надвор од НАТО соработуваат на полето на одбранбената индустрија, вклучувајќи ги и ракетните системи. Турција досега имаше желба за соработка со земјите-членки на НАТО, но резултатите што ги добивме не нè задоволија. Во таа смисла, сосема е нормално да влеземе во други опции. Тоа не го сметаме за чекор против НАТО”, рече Чавушоглу.
Турскиот шеф на дипломатијата во врска со терористичката организација ФЕТО додаде дека е видливо оти ФЕТО се обидува да ги подобри односите со Египет, но дека нема конкретни информации во врска со можното заминување на лидерите на оваа терористичка организација во Египет.
Чавушоглу додаде дека бегалецот Абдула Бујук, член на терористичката организација ФЕТО побарал политички азил во Бугарија. „Институциите во Бугарија го одбија тоа и одлучија да ѝ го предадат на Турција, а екстрадицијата е во тек”.