Eşber Ayaydın
30 Јануари 2018•Ажурирај: 31 Јануари 2018
ИЗМИР (АА) - ЕШБЕР АЈАЈДИН -
Џан Аџун, истражувач за надворешна политика во Фондацијата за политички, економски и општествени истражувања (SETA), истакна дека се забележува влијанието од ударот на Турција против ПКК во Африн, и рече дека операцијата во Африн ќе предизвика домино-ефект.
„Операцијата во Африн ќе предизвика домино-ефект и сериозно ќе ја ослаби ЈПГ/ПКК во другите региони. Населението од подрачјето на Мунбич, Хасеке, Рака и Деир ез-Зор, угнетувано од страна на терористичката организација, почна да дава отпор“, додаде Аџун.
Тој во разговор со Anadolu Agency (AA) пренесе дека операцијата „Маслинова гранка“ започнала со воздушен напад, а потоа продолжила со копнена операција. Тој рече дека Турските вооружени сили (ТСК) направија изненадувачки потег со тоа што во Сирија влегоа од северната и западната оска, наместо од очекуваното место, Тел Рифат.
Стратешките точки, како што раскажа Аџун, едно по едно се расчистуваат од терористите.
„Заземањето на брдото Бурсеја и околината може да го опишеме како голем успех. Освен центарот на Африн, заземени се доминантните ридови во Џиндере, кои се најзначајни населени места. Се забележува дека се започнати напредни операции за ослободување на населените места како Булбул и Режо“, нагласи Аџун, и пренесе дека може да се смета оти приоритет на операцијата се планинските региони, со цел да се спречи бегството на терористите во планините кога ќе се спроведуваат напади во рамниците.
Аџун истакна дека според податоците на ТСК, неутрализирани се околу 650 припадници на ПКК/ЈПГ, и затоа, како што рече тој, ПКК/ЈПГ забележа голем пораз.
Како што рече Аџун, одбранбената линија составена од тунели и кули за набљудување и заштита, кои ПКК/ЈПГ ги изгради со директна помош на земјите како што е Русија, Асад и сирискиот режим, е надмината во многу краток период.
Аџун пренесе дека искуството добиено од операцијата „Маслинова гранка“, како и зголемената воена опрема имаат големо влијание врз оваа операција, и додаде дека оружените беспилотни летала, како и хеликоптерите АТАК коишто се производ на домашната одбранбена индустрија, се успешно користени како воздушна поддршка.
„Може да се забележи дека елементите на сириската опозиција кои се обучувани и опремени од страна на Турските вооружени сили, се многу поефикасни, и нивните способности за војување се сериозно зголемени. Исто така, на терен успешно се собираат разузнавачки информации. Неутрализирани се и асиметрочно-хибридните воени техники на терористичката организација“, истакна Аџун.
Аџун се осврна и на нацоналната безбедност на Турција, како и на територијалниот интегритет на Сирија, и рече дека е потребно источните делови на Мунбич и Фират да се расчистат од терористите на ПКК/ЈПГ.
Тој нагласи дека се забележува влијанието од операцијата на Турција против ПКК во Африн.
„Операцијата во Африн ќе предизвика домино-ефект, и сериозно ќе ја ослаби ЈПГ/ПКК во другите области. Населението во подрачјата како Мунбич, Хасека, Рака и Деир ез-Зор, угнетувано од страна на терористичката организација, почна да дава отпор. Жителите на Мунбич се револтирани. Земјите како САД кои вршат патронажа на тероризмот, ќе почнат да забележуваат дека оваа работа ќе има сериозна цена, и ќе еволуира до степен во кој не ќе може да продолжи“, додаде Аџун.
Според него, ЈПГ/ПКК се обидува да ги користи цивилите во Африн како човечки штит, и вели дека терористичката организација што сфатила дека не може да дава отпор против Турските вооружени сили, чекор по чекор се повлекува во населените места, за да има цивилни жртви.
Аџун потсети дека терористичката организација се обидува да направи пропаганда за оцрнување преку пласирање лажни фотографии.
„Покрај медиумските тела на терористичката организација, одредени медиуми на Западот и на ФЕТО ѝ служат на оваа пропаганда за оцрнување“, додаде во разговорот со АА Џан Аџун, истражувач за надворешна политика во Фондацијата за политички, економски и општествени истражувања (SETA).