Besar Ademi
10 Јули 2017•Ажурирај: 11 Јули 2017
СКОПЈЕ (АА) - Амбасадорот на Европската Унија (ЕУ) во Македонија, Самуел Жбогар, рече дека главните резултати што се очекуваат од самитот во Трст е силната и конкретна посветеност на ЕУ за европската иднина на регионот Западен Балкан, преку седумте проекти за поврзување наменети за овој регион, во износ од 200 милиони евра“, јавува Anadolu Agency (AA).
Жбогар и италијанскиот амбасадор во Скопје, Карло Ромео, во просториите на канцеларијата на ЕУ во Скопје се обратија на заедничка прес-конференција, на којашто ги претставија пред јавноста разговорите и целта на Самитот „ЕУ – Западен Балкан“, кој ќе се одржи на 12. јули во Трст, град во североисточна Италија.
Жбогар изјави дека на самитот во Трст, освен премиерите на шест земји од Западен Балкан, исто така ќе присуствува и високата претставничка за надворешни работи и безбедносна политика на ЕУ, Федерика Могерини, како и комесарот на ЕУ за добрососедска политика и преговори за проширување, Јоханес Хан.
„Агендата за поврзување го поддржува физичкото внатрешно поврзување на регионот, како и со остатокот од Европа. ЕУ има планирано 1,3 милијарди евра грантови за регионот до 2020 година, за проекти во областа на енергетиката, транспортот и животната средина. Изградбата на патишта, мостови и поврзувањето на териториите значително ќе придонесат за развојот на добрососедските односи и за промовирање на мирот, и секако, за постигнување економски бенефиции“, рече Жбогар, спомнувајќи и други прашања што треба да се дискутираат и да се договорат меѓу лидерите од регионот и претставниците на ЕУ, со посебен акцент на економската област.
Жбогар, исто така, ги поздрави состаноците на високите владини претставници на Македонија со претставниците на Бугарија и на Грција. Според него, колку посилни се односите со соседите што се дел од европското семејство, толку повеќе Македонија ќе има поддршка од ЕУ.
Во меѓувреме, амбасадорот Карло Ромео истакна дека целта на самитот во Трст е еквивалентната посветеност на регионот кон европските приоритети, стратегијата за проширување и напредокот во пристапувањето во ЕУ на шесте земји од регионот.
„Од регионална перспектива, приоритети ќе бидат да се зајакне демократијата, безбедноста, како и социјалната и економската стабилност. Исто така, надминување на логичката поделба на минатото и затвореноста диктирана од националистичката реторика“, изјави Ромео.
Самитот „ЕУ – Западен Балкан“ се одржа во рамките на иницијативата „Берлински процес“, раководена од Италија, а започна во 2015 година, за проширувањето на ЕУ кон земјите од Западен Балкан, како што се Македонија, Албанија, Косово, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора.
Инаку, оваа иницијатива започна со конференција на високо ниво, која се одржа во Берлин, на 21 август 2014 година, каде што лидерите на владите од Западен Балкан, министрите за надворешни работи и економија, како и претставници на Европската комисија, потпишаа заедничка декларација со 18 точки, со којашто се цели да се одржи политичкиот дијалог за интеграција на земјите од Западен Балкан.