АНКАРА (АА) - Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, соопшти дека е погрешна политиката на САД во операциите за Мунбич да вклучат и одредени елементи на ЈПГ во логистички цели. „Се сложивме под услов ЈПГ да се врати на источниот брег од Еуфрат по ослободувањето на Мунбич од ДАЕШ. Тоа не значи дека се сложуваме со политиката што ЈПГ ја води во тој дел. Елементите на ЈПГ сѐ уште се во Мунбич“, рече Чавушоглу, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерот Чавушоглу по билатералната средба со министерот за надворешни работи на Британија, Борис Џонсон, и неговата делегација, одржа заедничка прес-конференција.
Чавушоглу истакна дека е потребно да се совлада ДАЕШ, како во градовите Рака и Мосул, нивните таканаречени главни градови, така и во другите големи градови, и да се расчистат градовите од оваа терористичка организација.
„За обезбедување стабилност и безбедност на Турција и Сирија, потребно е ДАЕШ и останатите терористички организации колку што е можно поскоро да бидат елиминирани. Но, за тоа е потребно да се има стратегија. Тоа го зборуваме уште од почетокот. За жал, иако коалицијата ја сочинуваат 65 земји, досега нема успех наспроти ДАЕШ. Постојано се прават погрешни чекори. Поради немањето стратегија, коалицијата се врзува со терористички организации како што е ПЈД/ЈПГ. Неколкупати рековме дека тоа е погрешно“, изјави Чавушоглу.
„Планот на ПЈД не е во интерес на иднината на Сирија, туку за нивен интерес. Тие сакаат да воспостават сопствен кантон и одделна држава, и сите активности им се насочени кон тој план. Затоа, соработувањето со терористичка организација што има таков план, против друга терористичка организација е многу погрешна стратегија. Оние што велат дека можат да ги контролираат, или се залажуваат себеси, или се обидуваат нас да нѐ измамат. Се лажат ако мислат дека нас нѐ мамат, бидејќи ние ја гледаме ралноста“.
Министерот Чавушоглу во изјавата понатаму вели:
„Нашиот сојузник САД бара ЈПГ да биде заднинска логистика во операцијата за Мунбич. Ние рековме дека тоа е погрешна политика. Подоцна се сложивме, но под услов по завршувањето на операцијата за Мунбич, ЈПГ да се повлече на источната страна од Еуфрат. Повлекувањето на источниот брег од Еуфрат не значи дека ние се сложуваме со политиката што ЈПГ ја води во тој дел. Сѐ уште елементи на ЈПГ се во Мунбич. Обама ни даде збор. И Бајден ни даде збор. И Кери ни даде збор. Сите одговорни ни дадоа збор. Сега, или не можат да ги пратат назад, односно на ЈПГ не можете да им наредувате, или не сакате да ги вратите назад. Друга опција нема. Повеќе од 200 терористички елементи на ЈПГ се во Мунбич. Доколку не можете овие двестемина на ЈПГ да ги испратите од другата страна на Еуфрат, тогаш како можете да им верувате на останатите членови на ЈПГ?“
Чавушоглу истакна дека ЈПГ и ПКК ги прогонуваат Курдите кои не размислуваат како нив.
„Ги принудуваат на селидба и нив и Сиријците. Тоа го прават и во Турција. Против Курдите што не ја поддржуваат нивната политика се организираат терористички активности и ги принудуваат на миграции. Ние сме против тоа. Истото го прави и ЈПГ на местата каде што мнозинството е арапско население, што претставува закана за иднината на Сирија. Ги палат сите официјални документи освен тапиите. Прават етничко чистење. Толку земји, за што се залагаме? Се бориме за иднината на Сирија, нејзината стабилност, мир и безбедност. Пред сѐ, тоа е важно за нашата безбедност“.
- „ПКК не ги претставува Курдите и Курдите државјани на Турција“ -
Чавушоглу истакна дека е задоволен од политиката што Британија досега ја води против ПКК.
„Ја согледуваме и политиката на поддршка во нашата борба против сепаратистичката терористичка организација ПКК. Наша најголема желба е и во иднина да продолжи оваа политика на поддршка“, рече Чавушоглу.
Тој изјави дека е потребно Европа да го смени своето разбирање на овој проблем:
„Станува збор за следното: ПКК не ги претставуваат Курдите и Курдите државјани на Турција. Ниту во Сирија и Ирак, продолжетокот на ПКК во тие земји, ПЈД/ЈПГ, не ги претставуваат тамошните курдски браќа. Доколку тоа го согледаме, ќе може на јасен начин да се одвојат Курдите од терористичките организации. Ја осудуваме поддршката што земјите од Европската Унија, како што е Белгија, им ја даваат на активностите на ЈПГ/ПКК“.
- „Нема никаква разлика меѓу ПКК, ЈПГ и ПЈД“ -
На прашањето на еден новинар за конгресот на ПЈД во Белгија, Чавушоглу рече дека земјите како што се Белгија и некои други членки на ЕУ, со својата поддршка што ја даваат на терористичките организации ПКК и ПЈД во нивните активности, спроведуваат двојни стандарди.
За конгресот на ПЈД, Чавушоглу истакна дека на виделина излегло вистинското лице на ПЈД, ЈПГ и на ПКК, додавајќи:
„Може да се согледа дека не постои никаква разлика меѓу ПКК, ЈПГ и ПЈД. Ние одамна велиме дека овие организации, иако потекнуваат од две држави, всушност се една организација. Се обидуваме да ги убедиме нашите пријатели во тоа. Секој што сака, можеше на овој конгрес да увиди дека не постои разлика меѓу ПКК и ПЈД, дека тие се една и иста организација. Особено со поставувањето на постерите на лидерот на сепаратистите, Оџалан, може да се согледа дека конгресот е организиран заедно со ПКК, особено гледајќи ги учесниците на конгресот“.