Dejan Maksimoviç
03 Март 2016•Ажурирај: 04 Март 2016
ЛОЗАНА (AA) – Олимпискиот тим на спортисти - бегалци (ROA) дефинитивно ќе се натпреварува на Летните олимписки игри во Рио де Жанеиро, потврдено е од Меѓународниот олимписки комитет (IOC).
Меѓу потенцијалните кандидати за влез во тимот се 43 спортисти, јавува Anadolu Agency (AA).
„Сакаме да му посакаме добредојде на Олимпискиот тим на спортисти - бегалци на Олимписките игри во Рио, воедно сакаме да им испратиме порака за надеж на сите бегалци во светот”, рече Томас Бах, претседателот на Меѓународниот олимписки комитет.
Бах нагласи дека тимот на спортисти - бегалци ќе биде третиран како и останатите тимови. Освен спортските способности, критериум за влез во тимот ќе бидат и личните околности и потврда од Обединетите нации дека лицето навистина е бегалец. Кога ќе се установи тоа, бегалците ќе имаат финансиска поддршка од ИОЦ за подготовките.
„Во овој тим ќе има помеѓу пет и десет спортисти. Немаме зацртана цел, конечниот број ќе зависи од спортските квалификации”, додаде Бах.
Олимпискиот тим на спортисти - бегалци ќе биде сместен во олимпиското село, а во текот на церемонијата на отворање на игрите, на стадионот Маракана, ќе влезат претпоследни, пред домаќинот Бразил. Спортистите - бегалци ќе настапат под знамето на Меѓународниот олимписки комитет.
Летните олимписки игри во Рио де Жанеиро ќе се одржи од 5-ти до 21-ви август оваа година.