АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес од Анкара порача дека Турција не е племенска заедница, туку држава, Република Турција, и оти САД ќе мораат да го прифатат тоа, јавува Anadolu Agency (AA).
„Тоа ќе го прифатите така, а ако не сакате, не замерувајте ни, но не сте ни ниту потребни. Кога бараме да ни продадете оружје за пари, вие се повикувате на Конгресот, а кога терористичка организација (ПКК/ ПЈД заб.а.) ви бара, вие им го давате бесплатно. Зошто? Под мотото да ја окупираме Турција од југ. За планот во заднината не зборувам, има и таков план, но тоа е друга тема“, рече Ердоган.
Ердоган денес изјави дека дипломатската криза во врска со неиздавањето визи меѓу Турција и Соединетите Американски Држави (САД) е предизвикана од американскиот амбасадор Џон Бас.
„Сосема отворено велам дека целиот случај е предизвикан од еден амбасадор кој работи овде. Неприфатливо е Америка да ги остава односите со стратешкиот сојузник Турција во рацете на несовесен и неспособен амбасадор. Не, тоа не можеме да го поддржиме“, рече Ердоган.
Турскиот претседател изјави дека е жално ако со големата Америка управува еден амбасадор во Анкара, а дека тоа така се случи бидејќи никој од Вашингтон не му кажал на амбасадорот Бас дека тоа не може да го прави на сојузничка Турција.
Тој потсети дека суспензијата на издавањето визи во американските дипломатски претставништва во Турција е воведена поради апсењето на локалниот службеник на американскиот конзулат, кој е турски државјанин, а се товари за поврзаност со терорисичката организација ФЕТО.
„Никој нема право да ѝ држи лекции на Турција за правна држава. Не ни требаат лекции од земји во кои слободно шетаат предавници и терористи што минатата година дигнаа рака на нашата демократија. Не ни замерувајте, но не можат за дипломатија да ни зборуваат лидери на земји во кои во престолнините се собираат терористите на ПКК и кои го ускратуваат гостопримството за нашите министри. Сите тие мораат прво да застанат пред огледало, да ги воочат своите грешки и пропусти“, порача Ердоган.
Првиот човек на Турција исто така тврди дека некои кругови се обидуваат Турција да ја стават под опсада, бидејќи не можат да го прифатат фактот дека повеќе не е онаа слаба Турција, туку силна, стабилна и просперитетна Република Турција.
„Спроведуваат валкан план за поткопување и спречување на изградбата на силна и голема Турција. Дел од тој план се економските интриги, обид за насилно газење на волјата на народот, сеење меѓуверска омраза и судири, а дел од тој план е и поддршката на терористичките организации. Мариониети во таа крвава игра се ФЕТО, ПКК, ДЕАШ, ДХКП-Џ“, изјави Ердоган.
Осврнувајќи се и на ситуацијата во Сирија, Ердоган изјави дека борбата против ДЕАШ е само параван на оние што долж северниот сириски појас сакаат да воспостават коридор на терористичката организација ПКК.
„Тоа е лага, тој терористички коридор им е потребен за да ја окупираат Турција од јужната страна. Никој нека не се обидува да ве мами“, изјави Ердоган и додаде дека оние што Сирија ја претвориле во најголем светски пазар со оружје, немаат никаква врска со демократијата што декларативно ја претставуваат.
Во обраќањето во Анкара, Ердоган ја критикуваше и ЕУ, поради неисполнувањето на ветувањата што ги даде за Турција.
„Оние што не го исполнуваат ветеното се неискрени и целиот нивни живот е голема лага. Ние во нив никогаш не видовме искреност. Ние својот одлучен став ќе го продолжиме, на овој или на оној начин“, заклучи Ердоган.
news_share_descriptionsubscription_contact
