Sultan Çoğalan
08 Февруари 2017•Ажурирај: 09 Февруари 2017
АНКАРА (АА) - Министерот за надворешни работи на Република Турција, Мевлут Чавушоглу изјави дека наредната цел на борбата против терористите на ДЕАШ е ослободување на сирискиот град Рака, и додаде дека земјите на регионот и членките на меѓународната коалиција можат да испратат и треба да испратат специјални сили за таа задача, јавува Anadolu Agency (AA).
Денес во Анкара заврши состанокот на Советот за координација на турско-саудиската соработка, а шефовите на турската и на саудиската дипломатија, Чавушоглу и Адел ал-Џубеир одржаа заедничка прес-конференција на која истакнаа дека постои одлучност од двете страни во намерата за интензивирање на билатералните односи на двете земји, како и за јакнење на соработката на регионален план.
Турскиот министер изјави дека Турција и Саудиска Арабија имаат заеднички ставови за прашањата во врска со кризата во Сирија и во Ирак, како и за заедничките цели во борбата против терористичката организација ДЕАШ.
„Разговаравме и за наредните чекори на таа борба, и во наредната фаза следува операција на ослободување на клучните градови од ДЕАШ. Во Сирија тоа се Ал Баб и Рака, а во Ирак тоа е Мосул. Постои согласност тие операции да се спроведат заеднички и да се порази ДЕАШ. Затоа во наредната фаза е неопходно колку што е можно побрзо да се заврши операцијата на ослободување на Ал Баб, во која нашите специјални единици и опозициската Ослободителна војска на Сирија значително напредуваа. Коалицијата даде поддршка на воздушните напади, но и Русија придонесе со своите операции против ДЕАШ. Сакаме колку што може побрзо да ја завршиме таа операција и во потполност да го ослободиме Ал Баб“, изјави Чавушоглу.
Чавушоглу исто така истакна дека наредната цел на борбата против терористите на ДЕАШ е ослободување на градот Рака.
„Таа операција треба да ја спроведеме со вистинските луѓе, а не со терористички групи. Од почетокот, нашиот став за неопходноста на таа операција е ист со ставот на Саудиска Арабија. Ние, земјите на регионот и членките во коалицијата можеме да ги испратиме и треба да ги испратиме специјалните единици за таа операција. На теренот треба да соработуваме со умерената сириска опозиција, односно со силите на Ослободителната војска на Сирија“, изјави Чавушоглу.
Потсетувајќи дека Турција и Саудиска Арабија од почетокот на операцијата се обидувале да објаснат дека во борбата против терористичката организација ДЕАШ не смее во Сирија да се соработува со другите терористички групи, Чавушоглу изјави дека некои тоа не го слушале и дека, за жал, се поддржувани терористичките групи како ПЈД/ЈПГ, кои во крајна линија во ништо не се разликуваат од ДЕАШ.
„Ние сме тажни поради тоа. Рековме дека тоа е многу опасен чекор за иднината на Сирија. Во сите тие градови, во борбата против ДЕАШ ќе соработуваме со САД. Уверени сме дека во колку што е можно пократок рок ќе го поразиме ДЕАШ и ќе ги исчистиме тие терористички елементи во Сирија и во Ирак“, изјави Чавушоглу.
На прашањето на новинарот да го прокоментира синоќешниот телефонски разговор меѓу турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и американскиот претседател Доналд Трамп, Чавушоглу изјави дека тоа бил исклучително конструктивен разговор.
„Нашиот претседател Ердоган на претседателот Трамп отворено му објасни дека Турција досега водела ефикасна борба против терористите на ДЕАШ и што сѐ има сторено по тоа прашање“, изјави Чавушоглу.