Selçuk Acar
09 Септември 2017•Ажурирај: 10 Септември 2017
ЊУЈОРК (АА) - Во Њујорк пред зградата на Постојаното преставништво на Мјанмар во ОН е одржан протест по повод насилството и нападите на мјанмарската војска врз Рохинџа муслиманите во Аракан, јавува Anadolu Agency (AA).
Неколку десетици Американци, од различни етнички групи, се собраа во Менхетен, каде се наоѓа зградата на Постојаното претставништво на Мјанмар во ОН. Меѓу насобраните на протестот беа претставници на турската, палестинска, босанска и други заедници во САД.
Во таа прилика изразија незадоволство и го осудија новиот бран на насилства на мјанмарската војска врз муслиманите на Аракан, кои последните денови интензивно ја напуштаат земјата и бегаат кон Бангладеш.
Демонстрантите носеа транспаренти како „Спречете го убивањето на Рохинџите“, „Спречете го геноцидот“, „Нобелова награда за геноцид“, „Нема да молчиме“, „ОН разбуди се“, „ Молкот е одобрување“.
Еден од транспарентите во Њујорк беше и „Руанда, Босна, а сега Бурма. Спречете го геноцидот врз Рохинџите“.
Босанка која живее во Њујорк, Сидика Лемеш исто така изрази поддршка за муслиманите на Аракан. Во разговор со новинар на АА потсети дека во Сребреница се случил геноцид, и дека истото денес се случува во Аракан.
„Сребреница се повторува во Аракан и светот мора да се разбуди. САД, Европа, ОН, сите треба да се разбудат“, порача Лемеш.
Шефкије Сун, пред турските граѓани во Њујорк, изјави дека цел на денешниот собир е да се пружи поддршка на муслиманите на Мјанмар и да се осуди насилството на кое се изложени.
„Таму убиваат деца, се пролева крв. Светот на сето тоа молчи“, изјави таа.
Протест за поддршка на муслиманите на Аракан беше одржан и вчера пред зградата на амбасадата на Мјанмар во Њујорк.