Bekim Laci
12 Јануари 2016•Ажурирај: 13 Јануари 2016
СКОПЈЕ (АА) - Претставниците на повеќето автошколи од Македонија, втор ден по ред ја блокираа главната улица пред Владата во знак на незадоволство од новиот Закон за безбедност во сообраќајот и патиштата, со кој се предвидува инсталирање на камери во возилата за обука и полагање на возачи, јавува Anadolu Agency (AA).
Надевајќи се дека ќе победи разумот, претседателот на националното здружение на автошколи, Јонче Апостолски, изјави дека денешниот протест не претставува штрајк, бидејќи според него штрајк е кога се престанува со работа, туку дека тие се спречени да ги извршуваат своите работни обврски.
"Вчера имавме состанок со членови со Министерството за внатрешни работи и добив позитивни сигнали за тоа дали да се укине овој член од законот или да се одложи. Во секој случај, да ја одблокираме работата и да можеме да им се вратиме на нашите обврски, а понатаму да разговараме колку е возможно да се примени овој член", изјави Апостолски.
Според него поставувањето на камерите во возилата во никој случај нема да допринесе за зголемувањето на квалитетот во обуката.
"Прво, како човек сум против тоа додека ја вршите својата работа да имате камера на 30 сантиметри од вашето лице, а втора работа со камерите од професионален аспект гарантирам дека квалитетот на обуката нема да се подобри, туку напротив. Не сум само јас, туку сите овде кои се пред Владата се против тоа законско решение, бидејќи тоа не носи ништо добро, ниту за автошколите ниту за кандидатите возачи", изјави Апостолски.
Таков пример имаше и во претходниот закон од 2007 година, кој беше со одложена примена од три години. Пред да стапи на сила во мај 2010 година овој спорен член беше укинат.