Canberk Yüksel
21 Февруари 2017•Ажурирај: 21 Февруари 2017
ЊУЈОРК (AA) – Републиканскиот американски сенатор Џон Меккејн изјави дека администрацијата на претседателот Доналд Трамп мора да ги ревитализира билатералните односи меѓу САД и Турција, јавува Anadolu Agency (AA).
Во текот на вчерашната посета на Турција, сенаторот Меккејн се состана со највисоките турски функционери, вклучувајќи го и претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган.
„Со претседателот Ердоган имав топол и конструктивен состанок. Јас сум долгогодишен заговорник на американско-турската соработка на основа на заедничките демократски вредности. Сметам дека тоа партнерство е поважно отколку кога било претходно, бидејќи сведочиме на нереди на Блискиот Исток и во Европа“, рече Меккејн.
Тој изрази надеж дека американскиот претседател Трамп ќе ја препознае важноста на ревитализацијата и интензивирањето на односите и соработката со Турција
„Соединетите Држави мора да соработуваат со Турција за да успееме да оствариме брза и трајна победа над терористите на ДЕАШ и за да воспоставиме рамнотежа на силите и стабилноста во регионот“, рече Меккејн.
Тој истакна дека САД мораат да го разгледаат предлогот на турскиот претседател Ердоган за воспоставување безбедносни зони во Сирија и за ослободување на градот Рака во таа земја. Меккејн додаде дека Вашингтон и Анкара мора да соработуваат на тие прашања за ситуацијата во Сирија да се нормализира.
Турција е остар критичар на американската политика за Сирија што ја заговараше претходната администрација на претседателот Барак Обама, а Анкара најмногу замеруваше на немањето слух на САД на повиците за воспоставување безбедносни зони, но и за политичката поддршка што САД им ја дадоа на групата ПЈД/ЈПГ, на сирискиот огранок на терористичката организација ПКК.
Угледниот американски политичар Меккејн е воен ветеран и херој на американската морнарица од времето на Виетнамската војна, а од 1987 година е сенатор од Аризона. Како претседателски кандидат на Републиканската партија, поразен е на изборите во 2008 година, од демократскиот ривал Обама.