Ekipa
22 Јануари 2018•Ажурирај: 23 Јануари 2018
АНКАРА (АА) - МЕХМЕТ ОЗТУРК/НАЗЛИ ЈУЗБАШИОГЛУ -
Новоименуваниот амбасадор на Авганистан во Анкара, Абдул Рахим Сајед Џан, рече дека билатералните односи меѓу Авганистан и Турција се добри и додаде дека ќе продолжат да работат на интензивирање на овие братски односи и соработка, јавува Anadolu Agency (AA).
Амбасадорот Сајед Џан на 16 јануари ја презеде функцијата предавајќи му акредитивно писмо на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, а потоа во резиденцијата во Анкара го посети уредникот на АА на светски јазици, Мехмет Озтурк, и со него оствари разговор за односите меѓу Кабул и Анкара.
Истакнувајќи дека со голема радост ја примил веста за назначувањето на функцијата амбасадор во Турција, Сајед Џан рече дека авганистанскиот народ ја сака и се моли за Турција и за нејзиниот претседател Реџеп Таип Ердоган.
„Нашиот народ ја гледа Турција како развиена, модерна муслиманска земја и како пример за исламскиот свет. Секој се стреми да го достигне ова ниво на развој, демократијата и правда“, вели Сајед Џан, новиот амбасадор на Авганистан во Анкара.
Истакнувајќи дека сето свое знаење и искуство ќе го искористи за дополнително унапредување на авганистанско-турските односи, амбасадорот Сајед Џан рече дека двете земји негуваат длабоки историски и културни врски.
„Нашите две земји имаат многу слични културни и општествени карактеристики. Нашите национални јадења се многу слични. И Турците и Авганистанците конзумираат многу месо и ориз. Двете земји, исто така, имаат ридест релјеф со четири годишни времиња“, рече Сајед Џан.
Тој нагласи дека почетокот на дипломатската мисија ќе го помине во посета и запознавање на турските власти, а сè со цел успешно да ја изврши задачата што му е доверена.
„Многу од нашите студенти учат тука. Јас ќе работам на тоа во иднина да има уште повеќе авганистански студенти во Турција. Несомнено треба да ги искористиме потенцијалите за зајакнување на соработката во економска и инвестициска смисла. Луѓето во Авганистан имаат големи потреби во здравствениот сектор, а честопати и нашиот народ доаѓа на лекување во Турција. Сакаме Авганистан да ги добие болниците што ги има Турција и турските лекари да ги учат нашите“, рече Сајед Џан.
Истакнувајќи ја плодната билатерална соработка меѓу Турција и Авганистан и во областа на одбраната и безбедноста, новиот авганистански амбасадор во Анкара, рече дека е особено важно што турскиот претседател Ердоган пријателски настапува и се обидува да го охрабри Пакистан за поддршка на Авганистан во борбата против тероризмот и изградба на мирот и стабилноста во тој регион.
„Турција и Авганистан се поддржуваат и на меѓународните платформи, особено за време на состаноците на ОИК и на ОН“, вели Сајед Џан.
Истакнувајќи дека Авганистан се наоѓа на вистинскиот фронт против тероризмот, Сајед Џан рече дека Турција како членка на НАТО, ја поддржува оваа борба и дека е сојузник што обучува авганистански војници.
„Турција е голема земја со важна улога во исламскиот свет. Таа се бори против тероризмот кој претставува закана за безбедноста на целиот регион. Бидејќи сме во првите редови на оваа борба, важна ни е размената на разузнавачки информации. Тероризмот е непријател на човештвото и мора да се отстрани од светот“, рече Сајед Џан.
Уредникот на вестите на АА на светски јазици Озтурк на крајот од разговорот му посака успешна работа и му врачи пригоден подарок на новоименуваниот авганистански амбасадор, Сајед Џан.